Советот на Град Скопје денеска донесе одлука со која се намалува бројот на планирани нови вработувања во јавните претпријатија и установи под надлежност на Градот.
Одлуката, како што информираат од Град Скопје, е донесена со цел оптимизација на бројот на вработени, поодговорно управување со градскиот буџет и насочување на човечките ресурси кон работните места кои се директно поврзани со функционирањето на градот и услугите за граѓаните.
Приоритет при новите вработувања ќе имаат оперативните и теренските позиции каде што постои реална потреба од дополнителен кадар. Меѓу нив се возачи во Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП), работници и возачи во ЈП „Комунална хигиена“, како и друг оперативен кадар потребен за одржување на градските услуги.
Од Градот посочуваат дека административните позиции ќе бидат сведени на минимум, а ресурсите ќе се насочат кон области кои граѓаните ги користат секојдневно – јавниот превоз, чистотата, парковите и останатите комунални услуги.
„Секој денар од граѓаните мора да има јасна цел, а секое работно место вистинска потреба и конкретна работа. Скопјани заслужуваат функционален јавен сектор кој ќе ја оправда нивната доверба со квалитетни и навремени услуги“, наведуваат од Град Скопје.
Според градските власти, новата политика има за цел поефикасно работење на јавниот сектор, поодговорно управување со средствата и подобрување на клучните услуги за жителите на Скопје.
Со одлуката, како што додаваат од Градот, фокусот се става на работните места кои директно придонесуваат за подобро функционирање на градот и секојдневниот живот на граѓаните.






