Рускиот опозиционер и поранешен светски шампион во шах, Гари Каспаров, изјави дека безбедносните служби на Соединетите Американски Држави (САД) и Литванија го предупредиле дека неговиот живот е во опасност, врз основа на следењето на наводен заговор против критичарите на Кремљ кои живеат надвор од Русија, пренесува денеска Ројтерс.
Американските власти неодамна објавија дека обвиниле пет лица за заговор со руските безбедносни сили во врска со планирано убиство на две опозициски личности – едната во САД, а другата во Литванија.
Непотврдени медиумски извештаи укажуваат дека тоа би можеле да бидат Каспаров, кој живее во Њујорк, Илја Пономарјов, дисидент кој е стациониран во Украина, но редовно патува во САД, и Иван Тјутрин, опозициски активист кој живее во Литванија.
Каспаров (63) објави на социјалните мрежи дека на Тјутрин и нему не им било кажано дека биле експлицитни мети, но биле предупредени од безбедносните служби на Литванија и САД дека нивните животи се во опасност и дека треба да преземат мерки на претпазливост.
Каспаров порача дека нема да се крие.
„Нема да запрам и нема да се кријам… Ќе продолжам да правам сè што можам за да го обединам слободниот свет против убиствената диктатура на Путин“, додаде Каспаров, кого Русија го стави на списокот на „странски агенти“ и „терористи и екстремисти“.






