Неточни референци и терминолошки проблеми во учебниците во Северна Македонија беа во центарот на дискусијата во грчкиот парламентот, според она што го изјави заменик-министерот за надворешни работи Александра Пападопулу, пренесува „Та неа“.
Грчката страна, посочила Пападопулу, пренесува „Та неа“, бара отстранување на формулациите што се ревизионистички или непоправливи по природа од учебниците што се изучуваат во соседната земја.
Таа нагласила дека употребата на неточна терминологија го крши не само Преспанскиот договор, туку и самиот Устав на Северна Македонија.
Изјавата на Пападопулу, наведува грчкиот медиум, беше дадена во контекст на дискусија за актуелно прашање од пратеникот на „Ники“, Јоргос Рунтас, на тема иредентистички референци и присвојување на Македонија во новите учебници во Скопје.
„Рунтас истакна дека во „официјалниот учебник по „Македонски јазик“ за 6-то одделение“ на Северна Македонија се зборува за „татковина секогаш поробена и мачена“, додека Александар Велики е претставен како „Александар Македонски“, без да се прави разлика помеѓу античкиот македонски и „современиот македонски идентитет“. Тој побара да биде информиран за постапките на грчката страна во Заедничката интердисциплинарна комисија на експерти, во врска со отстранувањето на овие референци.
Како одговор, Пападопулу истакна дека учебниците се одобруваат и печатат од Министерството за образование на секоја држава. Сепак, Грција продолжува да бара правилно евидентирање на историската реалност, точна терминологија и националното потекло на историските личности, како што се Александар Велики и Филип II, во учебниците на Северна Македонија“, пренесува „Та неа“.
Пападопулу, наведува медиумот, истакнала дека грчкиот карактер на античка Македонија и карактеристиките на античката грчка цивилизација се опишани во членовите 7 и 8 од Преспанскиот договор и дека отсликувањето на оваа реалност во учебниците е работа на Заедничката интердисциплинарна комисија, каде што грчката страна го употребува целиот дипломатски притисок што и стои на располагање.
Пратеникот Рунтас на тоа прокоментирал дека ако Комисијата си ја завршела работата како што треба, немало да има потреба да се реагира.
Пападополу додала дека Комисијата се среќава барем двапати годишно, наизменично во Атина и во Скопје, и дека последниот состанок бил во Атина во мај 2026 година.
„Работата на Комисијата, како и записниците, се доверливи“, рекла таа.
Пападополу, како што пишува „Та неа“, посочила дека грчката страна на Комисијата редовно ги следи сите содржини на учебниците во Северна Македонија што го прекршуваат правилото за точно именување на државата и за точни историски записи. Додала дека записниците ја покажувале посветеноста од двете страни да се спроведат обврските што биле преземени со Преспанскиот договор.
„Во контекст на дискусијата за друго актуелно прашање, претседателот на коалицијата „Ники“, Димитрис Нациос, изјави дека „ние таму, во Македонија, знаеме една Македонија. Ни Северна, ни Јужна, ни Источна, ни Западна“. Тој изрази силна загриженост за употребата на терминот „Северна Македонија“ и нагласи дека „сепак, ова се знаци на предавство““, пренесува „Та неа“.






