Нема зборови за утеха за загубата на малото момче на македонскиот познат музичар. Јавноста со огромно жалење ја прими веста, а не запираат пораките за сочувство за ожалостеното семејство.
Петгодишниот син на Маријан Стојаноски, Петар кој почина завчера ќе биде погребан денеска во 13:00 часот, на гробиштата во Крушево – Гумење, а телото на починатото дете е изложено во неговиот дом.
Скршен од огромната и ненадоместлива загуба, таткото преку потресни зборови на социјалните мрежи јавно ја сподели својата тешка внатрешна болка. Во неколку емотивни коментари кои дополнително ја потресоа јавноста граѓаните, тој напиша дека чувствува огромно страдање кое тешко може да се поднесе, барајќи помош и прашувајќи каков е овој оган што силно му ја гори душата.
Засега нема објавени информации за причината за смртта на детето, ниту други детали за трагичниот настан.
Петар е роден во декември 2021 година. Маријан Стојаноски и неговата сопруга Наташа освен синот Петар, имаат и две ќерки. Семејството во изминатите години главно го чуваше приватниот живот подалеку од јавноста.
Целата естрада, пријателите и јавноста упатуваат пораки со искрено сочувство до ожалостените родители, сестрите и останатите блиски роднини во овие најтешки моменти за нивното семејство.






