Дополнителни камери од системот „Безбеден град“ ќе се поставуваат во Куманово, информира полицијата. Досегашната примена појаснуваат дава резултати. Согласно податоците бројот на сообраќајни незгоди во првите шест месеци годинава изнесува 154. Во истиот период лани биле 206, што е намалување за 25 отсто. Затоа системот продолжува да се шири.
„По барање на граѓаните на град Куманово, а и нашето согледување од моментално поставените камери од „Сејф сити“ не се доволни, така да мислам дека е опфатена „Октомвриска Револуција“, локалитетот „Табакана“ и имам информација дека уште на три локации ќе се поставуваат камери во најбрз можен период“, информираше Томислав Додевски, командир на полициска станица Куманово.
Граѓаните коишто ги прашавме согласни поголема е дисциплината во сообраќајот.
„Многу е променето, нема претекнување, пешаците се пропуштаат“-вели еден граѓанин.
„Се внимава многу, некои сакаат да поминат, но кога ќе видат се предомислуваат“, укажа друга граѓанка.
„Возачите и сите учесници во сообраќајот повнимателно возат“, нагласи кумановец.
„Со камери ќе се научиме на ред? Со казни можеби, онака потешко“, укажа трет.
„Треба уште камери да има, со казни нашиот народ не може без казни“, посочи кумановец.
Во Куманово од февруари на неколку локации се регистрираат прекршоци на несовесни возачи. Паметни камери се поставени на влезот и излезот на градот, булеварот „Октомвриска револуција“, и регионалните патишта.






