Домашните превозници бараат итна институционална поддршка поради ограничувањата за престој на професионалните возачи во Шенген-зоната и зголемените финансиски трошоци. Од Владата бараат активни преговори со земјите од Шенген за посебен режим за возачите, како и итен поврат на заостанатиот ДДВ и намалување на патните давачки. Во пакетот се предлагаат и долгорочни мерки: повисоки дневници за возачите без даночно оптоварување и поврат на дел од акцизата за комерцијално гориво. Превозниците предупредуваат дека без конкретна помош, дел од компаниите би можеле да го преселат капиталот надвор од земјата, со последици и врз државниот буџет и врз синџирот на снабдување. Барањата доаѓаат откако се откажаа превозниците од регионот од најавените блокади на границите кон ЕУ, очекувајќи напредок во разговорите за решавање на проблемот со правилото 90/180.
Пакет итни, краткорочни и долгорочни мерки за поддршка на домашните превозници бара Асоцијацијата на здруженијата на работодавачите на превозните трговски друштва од Владата, поради сè посериозните проблеми со кои се соочуваат компаниите што вршат меѓународен транспорт. Барањата се упатени до премиерот Христијан Мицкоски и до вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски, а меѓу клучните прашања е ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната на 90 дена во период од 180 дена.
Превозниците бараат Владата активно да преговара со земјите од Шенген-зоната за изнаоѓање решение со кое професионалните возачи од Македонија би можеле непречено да ја извршуваат својата работа. Како можни решенија се предлагаат билатерални договори, посебен тип визи, вклучително и договорна Д-виза, или признавање на професионалните возачи што вршат прекуграничен транспорт како прекугранични работници.
Проблемот, според превозниците, е дополнително заострен со воведувањето електронска евиденција на престојот во Шенген и зголемениот број контроли. Поради правилото 90/180, возачите што го надминуваат дозволениот престој се соочуваат со враќања од границите, казни и забрани, што директно влијае врз работењето на транспортните компании.
Токму поради тоа, „Макамтранс“ побара од своите членки да ги пријавуваат сите случаи на запирање, казнување и враќање на професионални возачи од границите на Шенген-зоната. Асоцијацијата изработила и посебен формулар за евиденција, со цел да се соберат конкретни податоци и документи од контролните органи. Целта е, како што посочуваат превозниците, да се создаде реална слика за последиците што ги има примената на правилото 90/180 врз македонскиот транспортен сектор.
Во меѓувреме, превозниците од земјите на Западен Балкан се откажаа од најавениот протест со блокада на граничните премини кон Европската Унија, планиран за 14 септември. Одлуката следува по средбата со претставниците на дел од земјите членки на Шенген-зоната, остварена преку Мисијата на Европската Унија во Белград. Претставниците на превозниците од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина и од Црна Гора, според известувањето до превозниците, добиле уверување дека ќе се забрза процесот за изнаоѓање соодветно решение за професионалните возачи и нивниот престој во Шенген-зоната подолг од 90/180 дена, сè до усвојувањето на новата визна стратегија, планирана за втората половина на 2027 година.
Одлуката за откажување на протестот е образложена како покажување добра волја и разбирање за можните последици од затворањето на границите, особено врз синџирот на снабдување меѓу Западен Балкан и ЕУ. Сите подготовки за протестот засега се ставени надвор од сила. Сепак, превозниците бараат да не остане проблемот само на ветувања и преговори. Тие инсистираат на конкретни мерки од домашните институции за да се ублажат финансиските последици што ги трпат компаниите.
Како брзи краткорочни мерки, се бара итно враќање на заостанатиот ДДВ, согласно со поднесените пријави, како и континуирано навремено враќање на ДДВ во периодот до надминување на проблемот. Дополнително, се бара враќање на заостанатиот дел од платената патна такса при регистрација на возниот парк, согласно со доставените барања до Јавното претпријатие за државни патишта за 2025 година.
Превозниците бараат и при тековната регистрација на возниот парк, надоместокот за јавни патишта да биде намален на 30 проценти од сегашната вредност за периодот додека трае мерката. Со тоа, велат тие, би се избегнала дополнителната административна постапка за поврат на надоместокот. На подолг рок се предлага зголемување на дневницата за професионалните возачи на најмалку 100 евра дневно, без плаќање данок на личен доход на овој износ, со образложение дека станува збор за директни трошоци поврзани со патниот превоз.
Бараат и измени на Законот за акцизи со кои би се овозможил поврат на дел од акцизата за погонско гориво набавено за комерцијални цели, согласно со европската регулатива и принципот на реципроцитет со други држави.
Превозниците предупредуваат дека состојбата може да има пошироки економски последици. Според нив, секторот обезбедува значајни приходи за државниот буџет преку регистрацијата на возилата, надоместоците за патна инфраструктура, патарините, комуналните такси, акцизите за гориво, ДДВ, данокот на доход и други давачки.
Особено ја нагласуваат улогата на патниот транспорт во надворешнотрговската размена, посочувајќи дека околу 96 проценти од превозот на стока во увоз и извоз се одвива по патен сообраќај. Оттука, поскапувањето или отежнувањето на транспортот, според нив, директно се одразува и врз цените на готовите производи, репроматеријалите и врз крајниот стандард на граѓаните.
Во барањето до Владата се предупредува и дека дел од превозниците веќе размислуваат за пренесување на капиталот надвор од земјата, додека одредени компании, како што се наведува, веќе го направиле тоа. Превозниците велат дека сакаат да останат и да работат во Северна Македонија, но дека продолжувањето на финансиските загуби без конкретна институционална поддршка може да ги принуди да бараат други решенија. Затоа од Владата бараат веднаш да се преземат мерки, а законските измени да се усвојат со одложена примена од 1 јануари 2027 година, со цел компаниите навреме да добијат сигурност и предвидливост за своето работење.






