домаМакедонијаЛозарите го продаваат грозјето на социјалните мрежи по 8 денари за килограм...

Лозарите го продаваат грозјето на социјалните мрежи по 8 денари за килограм и му велат „збогум“ на лозарството

- Advertisement -spot_img

Наместо сигурен откуп, лозарите годинава го бараат спасот на социјалните мрежи. Грозјето се нуди директно од нива по цени кои, според производителите, се далеку под очекуваните и договорени откупни услови. Дел од нив велат дека веќе немаат сила да продолжат и дека ова може да биде нивната последна берба. Сликата од македонските лозја годинава сè повеќе се преселува од откупните пунктови на социјалните мрежи. Наместо организиран откуп и сигурен пласман, лозарите објавуваат огласи со кои бараат купувачи за родот, само за да не им пропадне.

Еден од последните огласи што привлече внимание е продажба на 30 тони вранец по само 8 денари за килограм, со услов купувачот сам да ја изврши бербата. Во огласот се наведува дека понудата важи до 20 септември, бидејќи купувачот потоа заминува за Германија.

– Осум денари за килограм вранец, ова е срамота! Пред десет години сме купувале грозје по 15-16 денари. Не знам кој нормален уште ќе работи земјоделство – е само еден од низата коментари.
Други, пак, ја споредуваат откупната цена со цената по која стигнува грозјето до потрошувачите. Осум денари винско грозје вранец, 80 денари трпезно во маркет, нема логика. Токму оваа разлика го отвора прашањето каде завршува вредноста на трудот на лозарот и кој заработува од неговиот производ. Во коментарите се споделува и чувство дека се оставени земјоделците сами да се снаоѓаат.

За дел од лозарите, проблемот веќе не е само една лоша сезона. Тој станува прашање дали воопшто има иднина за лозарството.

– И јас го оставам и смедеревка и вранец, нека ја биде државата. Ги напуштаме лозјата што сме ги подигнале со труд, мака и со свои средства, да заминуваме од дома во туѓина, барајќи подобар живот – вели еден лозар.
Лозарите велат дека, за разлика од некои европски земји, кај нас ниту поголемите насади не гарантираат пристојна заработка. За споредба ја посочуваат Италија, каде што, според нив, и со многу помали лозови насади може да се живее добро. Кај нас, велат, и производителите со по 50 декари лозови насади не може да ги покријат трошоците.

Според пресметките, 100 килограми грозје продадени по 8 денари носат приход од само 800 денари. За лозарите, зад секој килограм стои цела година работа – од обработка и заштита на лозјето до берба. А кога нема купувач или кога не ги покрива цената трошоците и очекувањата на производителот, се поставува прашањето дали воопшто вреди да се продолжи.

Најсилната порака е токму онаа дека луѓето што со години ги одржувале лозјата, веќе размислуваат да му кажат „збогум“ на лозарството.

Според лозарите, дури 90 отсто од грозјето сè уште не е обрано на лозовите насади. Винарниците не го преземаат родот, а откупот се одвива во многу помал обем од очекуваното. Производителите вложувале во препарати, обработка и во работна сила, а сега се соочуваат со прашањето што да прават со грозјето, кое нема каде да го пласираат. Дел од нив размислуваат и за преработка на грозјето во ракија, само за да не дозволат целосно да пропадне.

– Бараме итна реакција од институциите и конкретни мерки со кои ќе се овозможи откуп и ќе се спречи да пропадне родот. Вранецот и оваа година не се откупува и стои да скапува на нивите. Бараме интервентен откуп на грозјето и дополнителна субвенција – велат лозарите.
Незадоволството кај производителите е големо. Според нив, проблемот со цената и со пласманот на грозјето трае со години, а државата не успева да понуди трајно решение.

– Педесет години е иста цената и досега никој не успеал да ја промени состојбата. Поради тоа, лозарите ги продаваат лозовите насади и си заминуваат од државата. Бараме интервентен откуп, дополнителна субвенција и конкретен план за спас на годинашниот род. Не може повеќе да чекаме бидејќи грозјето скапува – велат лозарите.
Но, проблемот не е само во годинашниот род. Лозарите стравуваат дека ваквата состојба може сериозно да ја доведе во прашање иднината на производството. Доколку нема сигурен пазар и навремен откуп, велат дека сè потешко ќе може да продолжат да ги одржуваат лозјата. Некои веќе размислуваат и за откажување од лозарството, бидејќи не гледаат економска оправданост во производство за кое на крајот нема сигурен купувач.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img