„Додека работниците во Македонија преживуваат со минимална плата од само 26.000 денари, Мицкоски троши јавни пари на луксуз“, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција. Филипче нагласи дека во време на криза, кога цените на храната и горивата растат, владата треба да им помогне на работниците и семејствата, а не да троши на луксуз.
На прес-конференцијата на која Филипче го најави поднесувањето на законот за минимална плата од 600 евра, тој нагласи дека владата треба да го намали луксузот и да обезбеди пари за зголемување на минималната плата.
„Во Буџетот има членови во кои јасно пишува дека станува збор за ставки за луксуз, за мебел, за автомобили, за патни трошоци, за членови на владата. Нека ги намалат тие трошоци и еве ги парите со кои ќе се зголеми минималната плата“, рече Филипче.
Тој нагласи дека наместо да ги намалува трошоците за луксуз, владата троши јавни пари и се обидува да ја скрие вистината од граѓаните.
„Кога може владата да се препушта на луксуз, да троши јавни пари на непресметлив, нетранспарентен начин, како сега за овој концерт, за кој, на пример, излажа дека се потрошени 0 денари, а веќе следниот ден откако ги добивме неговите документи, сите граѓани видоа дека премиерот лаже и дека троши јавни пари, пари на граѓаните, јавни пари на такви луксузни забави и прослави во ситуација кога има граѓани кои не можат да го преживеат месецот“, рече Филипче.
Филипче нагласи дека контрастот е јасен – додека има пари за луксуз, нема доволно средства работниците и граѓаните да живеат достоинствен живот.
„Во услови кога минималната синдикална кошничка е близу 70.000 денари, ако се додадат пари за кирија на стан, киријата или кредитот што се враќа за станот, износот достигнува 90, па дури и над 90.000 денари, оваа минимална плата практично покрива само 37, или 31% од вкупните трошоци. 37% ако се исклучи износот на киријата или кредитот за стан и 31% од вкупните трошоци ако семејството плаќа кирија или има кредит со кој ќе го отплати станот“, рече Филипче.






