Во Приштина се одржа „Маршот за слобода“ во поддршка на поранешните лидери на Ослободителната војска на Косово, Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими, на кои им се суди пред Специјализираните совети на Косово во Хаг.
На маршот, организиран од платформата „Слободата има име“, учествуваше и лидерот на ДУИ, Али Ахмети. Учесниците носеа знамиња на ОВК и бараа правда за обвинетите и нивно враќање во Косово.
„Денеска, во Приштина, марширавме за слободата и во поддршка на ослободителите“, напиша Ахмети по собирот.
Тој оцени дека учесниците на маршот испратиле порака на благодарност кон оние кои се бореле за слободата на Косово, а директно се осврна и на четворицата обвинети во Хаг.
„Денеска албанскиот народ го даде својот јасен суд: Хашим Тачи, Кадри Весели, Јакуп Красниќи и Реџеп Селими ги прогласува за невини“, порача Ахмети.
Станува збор за политички став на лидерот на ДУИ, а не за судска одлука за вината или невиноста на обвинетите.
Ахмети порача дека ОВК е дел од историјата и колективната меморија на Косово и дека „правдата и слободата мора да одат заедно“.






