Стопанската комора на Северо-Западна Македонија, по 17-ти пат по ред, го организираше традиционалниот настан ТОП 100™ 2026, најзначајниот економски настан во земјата. Овој настан ја продолжува долгогодишната традиција на Комората, оддавајќи им признание на компаниите кои со своите достигнувања, инвестиции и визија придонесуваат кон економскиот развој и градењето на иднината на земјата.
Овој единствен настан, кој низ годините ги документира достигнувањата и успешните приказни на најистакнатите компании во земјата, прерасна во еден од најпрепознатливите белези на СКСЗМ. ТОП 100™ ги става во центарот на вниманието силата, визијата и придонесот на деловната заедница, промовирајќи го успехот и значењето на приватниот сектор во севкупниот економски развој.
Годинешното издание собра истакнати личности, меѓу кои претседателот на Собранието, премиерот, највисоки претставници на државното раководство, амбасадори и дипломати, претставници на државните институции, деловната заедница, стопанските комори од земјата и регионот, меѓународни партнери, како и претставници на медиумите, со што се потврди значењето и карактерот на овој настан на економската сцена.
На почетокот на настанот, во своето поздравно обраќање, претседателот на СКСЗМ, г. Сами Морина, го истакна значењето на овој настан во промовирањето и вреднувањето на компаниите кои придонесуваат кон економијата на земјата.
„Зад овие достигнувања стојат храбри одлуки, инвестиции и континуирана посветеност. Тоа се приказни на претприемачи кои знаеле да ги искористат можностите, да се справат со предизвиците и да изградат одржливи бизниси, создавајќи вредност надвор од нивното секојдневно работење.
Во таа насока, СКСЗМ ќе биде силен глас и активен партнер во адресирањето на потребите и предизвиците на деловната заедница“, истакна претседателот Морина.
Во своето обраќање, премиерот на Република Северна Македонија, г. Христијан Мицкоски, ја истакна важноста од градењето инклузивна економија, во која успехот и економскиот развој ги надминуваат сите етнички и верски разлики.
„Економијата не познава етнички или верски граници. Нашата цел е да изградиме економија во која напорната работа се наградува, инвестициите се поттикнуваат, младите имаат иднина, а домашните компании се конкурентни на европските и глобалните пазари“, истакна премиерот Мицкоски.
Во текот на вечерта беа доделени и посебни награди на компании кои покажале извонредни резултати и посебен придонес во различни области на економијата:
„Успешна жена во бизнисот“ – наградата ѝ беше доделена на г-ѓа Александра Шкемби Антовска, раководителка на компанијата Sigal Life Insurance.
„Најуспешно партнерство“ – наградата ѝ беше доделена на компанијата MAYA–ML GARI.
„Топ извозник“ – наградата ѝ припадна на компанијата MULTIPARK IZAIRI, со остварен извоз во вредност од 43 милиони евра.
„Топ инвеститор“ – наградата ѝ беше доделена на компанијата TRIM&LUM, со инвестиции во вредност од 5,6 милиони евра во текот на 2025 година.
Наградата „Компанија со корпоративна општествена одговорност“ – ѝ беше доделена на ХАЛКБАНК.
Значењето на овој настан најдобро се потврдува преку конкретните финансиски и економски резултати на компаниите опфатени во каталогот ТОП 100. Податоците за 2025 година, од 100-те компании рангирани во пет категории, ја потврдуваат нивната сила и влијание врз економијата на земјата: 1,95 милијарди евра годишни приходи, 125,7 милиони евра нето-добивка, 10.897 вработени лица, 225,2 милиони евра остварен извоз и 153,8 милиони евра реализирани инвестиции.
Исто така, во знак на благодарност и признание за неговиот ангажман и придонес во раководењето со СКСЗМ во текот на 2025 година и сè до изборот на новото раководство во 2026 година, на поранешниот претседател на СКСЗМ, г. Нухи Алиу, му беше доделено признание.
Извршниот директор на СКСЗМ, г. Дурим Зекири, во своето обраќање го истакна растот и развојот на компаниите членки низ годините, нивната конкурентност на пазарот, како и значењето на објективноста и транспарентноста во методологијата за рангирање на ТОП 100™.
За заокружување на вечерта, беа прогласени и ТОП 5 најмоќни компании во земјата за ова издание:
- ТОП 5: Bas Tuti Fruti
- ТОП 4: Kipper Market
- ТОП 3: ALMA M
- ТОП 2: POFIX
- Победничка компанија – ТОП 1: NEPTUN
Преку организирањето на ТОП 100™, Стопанската комора на Северо-Западна Македонија ја продолжува својата посветеност на промовирањето на деловните успеси, создавањето нови можности за соработка и дејствувањето како стабилен партнер на деловната заедница.
ТОП 100™ останува одраз на економската моќ, платформа за промовирање на претприемништвото и потврда за придонесот на бизнисите во градењето поразвиена и поконкурентна економија.






