Иран денеска ја презеде одговорноста за нападот врз американската база во Јордан, откако Соединетите Американски Држави (САД) уништија пет ирански танкери за нафта во Заливот. Иранската Револуционерна гарда соопшти дека истрелала ракети кон американската база „Ал-Азрак“.
Јорданската армија објави дека кон јорданска територија биле истрелани 20 ракети, пренесуваат француските медиуми.
Армијата наведе дека 18 ракети биле пресретнати, додека две паднале во ненаселени области.
Иран тврди дека цел на нападот биле американски воени објекти – локации каде што се стационирани борбени авиони.
Нападот уследи еден ден откако Централната команда на американската војска (CENTCOM) соопшти дека се уништени пет танкери за нафта поврзани со Иран.
Вашингтон ја опишува операцијата како одговор на неодамнешните ирански напади врз американски воен брод.
Американскиот државен секретар Марко Рубио предупреди дека САД ќе продолжат со ваквите операции.
„Секогаш кога Иран ќе се обиде да нападне американски бродови, ќе губи танкери за нафта“, изјави Рубио.






