Унгарските власти вчера соопштија дека отворија кривична истрага за наводни злоупотреби во државната „Ексимбанк“, меѓу кои е и кредитот од една милијарда евра за Македонија, објави „Ројтерс“.
Истрагата опфаќа четири случаи во кои постојат сомневања за злоупотреба на службената положба и за несовесно работење. Случаите биле пријавени во јули од Министерството за економија по извршена ревизија на работењето на банката.
Истражителите во понеделникот заплениле илјадници страници интерни документи од Министерството за економија, кои треба да обезбедат дополнителни информации за истрагата.
„Станува збор за документи прибавени во текот на внатрешната истрага, кои содржат дополнителни податоци за истрагата на пријавените дејствија“, се наведува во соопштението.
Кредитот за Македонија бил одобрен со каматна стапка од 3,25 отсто и со целосна државна гаранција. Премиерот Петер Маѓар во јули изјави дека постои сомневање дека средствата наменети за поддршка на унгарските компании можеби биле пренасочени за зајакнување на странски политички сојузник, како и за потенцијална корист на компании блиски до поранешната влада.
„Ексимбанк“ до јуни 2022 година беше под надлежност на Министерството за надворешни работи, по што одговорноста беше префрлена на Министерството за економија. Банката засега не одговорила на барањето за коментар.
Маѓар, кој со победата на изборите во април го прекина 16-годишното владеење на поранешниот премиер Виктор Орбан, вети дека ќе се справи со, како што тврди, широко распространетата корупција во претходната влада. Орбан ги отфрла обвинувањата.






