домаМакедонијаУранија Пировска: Далибор Китановиќ не смее да биде вршител на било каква...

Уранија Пировска: Далибор Китановиќ не смее да биде вршител на било каква функција и треба да одговара според Кривичниот Законик

- Advertisement -spot_img

Жестоки критики кон Далибор Китановиќ упати денеска Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Според неа, Китановиќ треба да одговара според членот 407-а од Кривичниот законик. Таа во објава на Фејсбук посочува дека владата не треба да му остава простор на Китановиќ да ја повлече изјавата за Ратко Младиќ, туку треба да се постапи според правото.

Владата му остава простор за одлучување на директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, да го повлече јавно искажаниот став за Ратко Младиќ или да си поднесе оставка??? Далибор Китановиќ треба да одговара според член 407 -а од Кривичниот законик! Да биде апсурдот уште поголем, тој извршува функција на директор на Агенцијата за остварување на правата на заедниците! Нема тука простор за негово одлучување. Човек со такви ставови не треба и не смее да биде вршител на каква било функција, а најмалку таа што во моментов ја врши, вели таа.

Откако директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Далибор Китановиќ, вчера на Инстаграм по смртта на Ратко Младиќ во објава го величаше осудениот воен злосторник, владата денеска побара или тој да го повлече ставот, или да се повлече од функцијата.

Ратко Младиќ е правосилно осуден за геноцид, злосторства против човештвото и воени злосторства од надлежниот меѓународен суд.

Ставот на Китановиќ е негов личен став и како таков е неприфатлив за Владата. Владата ги гради ставовите врз основа на интересот на државата и граѓаните. Кога таквиот став е изграден, тогаш истиот се почитува од страна на сите поединци во Владата, изјавија од Владата.

Оттаму додаваат дека од Китановиќ ќе побараат да го повлече својот став, а доколку тој не се согласува со политиките на Владата, од Владата очекуваат Китановиќ да се повлече од позицијата што ја извршува.

Од СДСМ денеска побараа Јавното обвинителство да постапи за величањето на Ратко Младиќ од страна на владини функционери.

Јавното обвинителство мора да ја утврди одговорноста за величањето на Ратко Младиќ од Иван Стоилковиќ, неговата партија и Далибор Китановиќ. Членот 407-а од Кривичниот законик предвидува одговорност за одобрување или оправдување геноцид, злосторства против човечноста или воени злосторства. Што чека Јавното обвинителство? Повик од Мицкоски?, прашаа денеска Кети Штерјова од СДСМ.

Партијата „Нова Република“ на Ивон Величковски исто така упати остри критики кон владата.

Доколку премиерот не ги разреши министерот за локална самоуправа и нејзините функционери што го величат Ратко Младиќ – Владата поддржува величење на геноцид А таквата Влада не е ниту европска ниту македонска. Северна Македонија ја поддржа Резолуцијата за геноцидот во Сребреница. Со тоа, одговорните за Сребреница ги смета за воени злосторници. Доколку премиерот не ги разреши сите министри и функционери што величаат воен злосторник – значи дека се согласува со нив, а стои против ставот на државата Северна Македонија, и стои на располагање на Вучиќ и неговата желба за државен закоп на воен злосторник – за да продолжи да ја бутка Северна Македонија во концептот на „српскиот свет”, велат од партијата „Нова Република“.

Оттаму додаваат дека во Сребреница беше спроведен геноцид и злосторство против човештвото.

Мицкоски во име на Владата одлучува дали неговата влада е со жртвите на геноцидот или со неговите спроведувачи. Мицкоски во име на ВМРО-ДПМНЕ одлучува дали таа партија ќе продолжи да коалицира со партии и лица кои поддржуваат геноцид или ќе се дистанцира од нив. До разрешувањето на функционерите во Владата што го величат Младиќ по предлог на премиерот или пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Нова Република ќе смета дека ВМРО-ДПМНЕ, нејзините функционери и коалициски партнери не го осудуваат геноцидот во Сребреница и се во функција на политиките што спроведуваа злосторства против човештвото, велат од „Нова Република“.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img