Франција од почетокот на новата учебна година воведува забрана за користење мобилни телефони во средните училишта, со цел да се намали влијанието на екраните врз учениците и да се создадат подобри услови за учење.
Мерката ја најави францускиот претседател Емануел Макрон, кој порача дека заштитата на децата од негативните ефекти од прекумерното користење екрани не смее да се одложува.
„Училиште без телефони значи враќање на мирот неопходен за учење“, порача Макрон.
Новата мерка е продолжение на политиката што Франција ја спроведува од 2018 година, кога беше воведена забрана за користење мобилни телефони во основните и пониските средни училишта.
Францускиот министер за образование Едуар Жефре изјави дека начинот на спроведување може да се прилагодува во зависност од условите во секое училиште.
Сепак, синдикатот на директорите SNPDEN-UNSA предупредува дека дел од училиштата не се доволно подготвени за спроведување на новата мерка. Претставникот Франсоа Рене го критикуваше и периодот во кој е воведена забраната.
Училиштата добија инструкции уште во јули да започнат со подготовките, откако парламентот ја усвои мерката. За нејзино спроведување, секое училиште ќе мора да ги измени своите интерни правила.
Постапката вклучува консултации со ученичкиот парламент и училишниот одбор, но дел од средните училишта не успеале да ја завршат навреме, бидејќи во текот на летниот распуст биле затворени.
И покрај предизвиците околу спроведувањето, француските власти очекуваат забраната да придонесе за помирна атмосфера во училиштата и поголема концентрација на учениците за време на наставата.






