Пожарот во областа Шашица, на околу осум километри од Валона, Албанија, продолжува да се шири, објави „Албаниан пост“. Четири работници во каменолом останале на своето работно место за да ја заштитат својата опрема, но биле повикани поради зголемената опасност.
Противпожарно возило било испратено да ги собере за да можат безбедно да се евакуираат.
Интервенцијата е отежната од силни ветрови и нерамен терен, а надлежните служби ја следат ситуацијата и работат на спречување на ширењето на пожарот.
Градоначалничката на Валона, Брунилда Мерсини, изјави дека во моментов нема опасност за станбените згради, бидејќи нема куќи во близина на пожарот.
Таа ги повика жителите во областа да бидат внимателни и апелираше да дозволат непречено движење на возилата за итни случаи.






