Регулаторната комисија за енергетика размислува за значајни измени во начинот на кој граѓаните ја плаќаат електричната енергија, со цел сметките да бидат пониски и подобро усогласени со новите услови на енергетскиот пазар. Една од опциите што се разгледуваат е проширување на периодот на евтина тарифа, па дури и нејзино воведување во сабота.
Претседателот на РКЕ, Ацо Ристов, во интервју за МИА изјави дека блок тарифите биле воведени во екот на енергетската криза во 2022 година, но оттогаш состојбите во енергетскиот сектор значително се промениле.
„Генералната идеја е граѓаните да плаќаат пониски сметки за потрошената електрична енергија. Сметаме дека има простор за ревизија на блок тарифите и нивно прилагодување на новите трендови во производството на електрична енергија од обновливи извори“, вели Ристов.
Според него, растот на производството од сончеви и ветерни електрани создава нови предизвици во системот, бидејќи најголем дел од енергијата се произведува во текот на денот, кога на берзите цените често се многу ниски или дури достигнуваат нула.
Првичните анализи на РКЕ покажуваат дека во периодот од 11 до 15 часот има вишок на електрична енергија и токму тогаш би можело да се понуди поевтина струја за домаќинствата. Истовремено, можно е да се преиспита сегашниот концепт на ноќна евтина тарифа.
„Најскапата електрична енергија на пазарот денес е меѓу 21 и 24 часот, а токму тогаш кај нас важи евтината тарифа. Тоа е економски нелогично и покажува дека треба да се приспособиме на новите услови на пазарот“, нагласува Ристов.
Тој посочува дека целта не е само намалување на трошоците за граѓаните, туку и создавање подобри услови за инвестирање во обновливи извори на енергија. Според него, доколку продолжи трендот на екстремно ниски берзански цени во текот на денот, тоа може да ги обесхрабри инвеститорите и да го забави развојот на зелената енергија.
Ристов смета дека енергетскиот сектор се наоѓа во период на големи промени и дека ќе биде неопходно да се менуваат и навиките за потрошувачка на електрична енергија, со цел системот поефикасно да се прилагоди на зголеменото производство од сонце и ветер.








