Mercedes-Benz објави партнерство со германскиот стартап Tytan Technologies за производство на возила против дронови, со што стана најновиот производител на автомобили што ги здружи силите со одбранбената индустрија.
Германскиот производител на автомобили потпиша меморандум за разбирање на ILA 2026, Меѓународниот воздушен саем, според кој ќе гради возила за мобилен систем за воздушна одбрана за таргетирање мали дронови.
Мercedes ќе се фокусира на „платформи за одбрана од дронови базирани на возила и мисии за заштита на луѓето и критичната инфраструктура“, базирани на моделите G-класа и Sprinter, според соопштението на компанијата.
Ова ја прави компанијата со седиште во Штутгарт најновиот европски производител на автомобили што се свртува кон одбранбената индустрија додека автомобилската индустрија се бори.
Во март Renault објави дека развива копнен дрон за воена и цивилна употреба, а во јануари објави партнерство со одбранбената група Turgis Gaillard за производство на воздушни дронови во Франција. Во меѓувреме, Wolkswagen потпиша писмо за намера со израелската одбранбена компанија Rafael за производство на делови за системи за ракетна одбрана.
Европската автомобилска индустрија е во структурна криза, со забавување на побарувачката за електрични возила, губење на пазарен удел од кинеските конкуренти и повисоки трошоци за задолжување.
Одбранбениот сектор доживеа бум откако Русија започна целосна инвазија на Украина во 2022 година и бара Европа да стане посамостојна во своето одбранбено производство. Транзицијата е овозможена делумно затоа што многу од основните вештини на вработените се лесно преносливи.
Германското Министерство за одбрана лансираше платформа за поврзување која ги поврзува веќе воспоставените одбранбени компании со стартапи и компании од цивилниот сектор, изјави портпаролот на Mинистерството за CNBC во среда.
Производителите на автомобили веќе беа тука. За време на Втората светска војна автомобилските компании ширум светот го прекинаа цивилното производство за да се фокусираат на воените напори на своите земји – производство на воени возила, мотори за авиони, како и оружје и муниција.








