Конгресот на СДСМ беше претставен како нов почеток, со големи зборови, со нова енергија и ребрендирана политичка понуда под слоганот „Твоја држава, твоја шанса“. Но, реалната перцепција што го отсликува конгресот е поинаква – празни флоскули, политичко дежа ву и уште еден популистички обид старите политики да се претстават како нова иднина., велат од ЗНАМ.
Според партијата, таканаречените „6 столба“ претставени во рамки на новата платформа, наместо да понудат суштина и јасна насока, делуваат како 6 празни политички флоскули без реална содржина и без поткрепа за испорачување резултати.
„Слоганот на конгресот ‘Твоја држава, твоја шанса’, во тој контекст, неизбежно отвора прашање пред граѓаните: колку од тие шанси навистина беа искористени во периодот кога СДСМ ја имаше целосната политичка одговорност и каков е реалниот биланс од тие политики денес?! Во политичкиот период кој го оставија зад себе, секоја шанса која ја имаа пред себе беше пропуштена, а нивните политики завршуваа со одлуки кои ја ослабуваа државната позиција, националниот интерес и ја нарушуваа довербата во институциите“, велат од ЗНАМ.
Додаваат дека контрастот меѓу политичките слогани и реалноста е преголем за да се игнорира.
„Пораките како ‘Живот за сите’, ‘Нема правда-Нема мир’ останаа во јавноста како симбол на големи очекувања, но и како симбол на неиспорачани резултати и разочарани граѓани, додека привилегиите и користа од нив, се концентрираа во тесни политички и фамилијарни кругови блиски до Заев и Филипче. Граѓаните не забораваат како и на кој начин двоецот Филипче-Заев се стекнаа со златните визи, не ги забораваат луксузните крстарења и забави во Дубаи, не ги забораваат контроверзиите околу набавките на вакцините, ниту пак, ги забораваат големите ветувања за бескомпромисна борба против криминалот и корупцијата кои останаа без вистинска разрешница“,велат од ЗНАМ.
Според партијата, денешната политичка комуникација само ја продолжува истата матрица, со нови формулации, но со ист ефект. За жал, велат од ЗНАМ, денес СДСМ, од некогашна државотворна политичка партија, се повеќе наликува на структура која ги губи сопствените политички контури и јасен национален компас.
„Наместо да биде фактор на внатрешна кохезија и државен интерес, делува како политички гласноговорник на Бугарските наративи и влијанија. Во таков амбиент, се отвора прашањето дали партијата која некогаш ја носеше тежината на државотворноста, денес навистина ја води сопствената автономна политика или пак постепено се претвора во структура и политички агент, кој сè почесто ги рефлектира и артикулира ставовите блиски до наративите на Румен Радев, наместо јасно да ги брани и застапува државни интереси“, велат од ЗНАМ.
Одтаму велат дека Македонија поминала низ премногу искушенија за повторно да биде убедувана дека старите политики можат да се претстават како нова надеж.
„Историјата не ги памети оние што најгласно зборувале за вредности, туку оние што имале храброст да ги претворат во дела и да ја стават државата пред партијата и личните интереси. Граѓаните денес не бараат нови слогани, популистички лаги обвиткани во платформа за обединување, туку одговорност, резултати и стабилни институции. За Движењето ЗНАМ, Македонија останува трајна државна обврска. Во таа насока, нашата политика и нашите заложби се насочени кон заштита на институционалниот интегритет, јакнење на државниот капацитет и безусловно почитување на македонскиот државен и национален интерес. Само така може да се гради европска Македонија, држава со достоинство, стабилност и јасна самосвест“, велат од ЗНАМ.








