Екипата на „Фокус“ успеа да влезе во Психијатриската болница „Бардовци“, каде што во моментов има 298 лежечки пациенти. Услови под секое човечко достоинство, прозорци без стакла, руинирани простории, насилство што тешко се превенира поради недостигот од персонал. Живот во хорор и мизерија, пациенти заборавени и од своите најблиски, а како што знаат да кажат дел од вработените, заборавени и од Господ. Некои се таму и по 40 години.
Овие страшни зборови постојано ни одекнуваат во главата откако внатре се соочивме со реалната слика, со тешкиот и недостоинствен живот, агресивните, но и уплашени очи на дел од хоспитализираните.
Некои се таму повеќе од 40 години, поточно најстариот пациент повеќето од својот живот, од далечната 1979 година го поминал зад затворените врати на Бардовци. Неговиот втор и единствен дом. Не само тој, повеќето од нив се оставени сами на себе. Никој од нивните семејства, откако ги ставиле под клуч во болницата, не прашале, а ниту пречекориле да ги видат и да поразговараат со нив. Ниту за момент, ги „фрлиле“ и ги заборавиле дека постојат.
Најпрвин ги посетивме одделите за ургентна и Одделот за акутни состојби, кои функционираат од 2013 година. Таму се сместени пациентите кои се поагресивни, а постои и една соба за изолација во која циркулираат различни пациенти, во зависност од нивната моментална здравствена состојба.
Тоа што го видовме беше вознемирувачки. Во такви услови не се чуваат ни животни, а камоли човечки суштества. Самата соба за изолација е сосема мала, четири ѕида, во која има само еден кревет, ако може да се нарече кревет, со раскинат душек. По ѕидовите на собата може да се забележи дека некои од пациентите што биле сместени таму, гребеле со своите раце, па на тој начин го искажувале својот револт и агресија.
Но, тоа не е сè. Веднаш до изолираната соба се наоѓа уште една просторија, во која се гледа дека живее жена, која се потрудила на некој начин да ја прилагоди како да е во домашна атмосфера. Стара, нечиста и распадната соба, но внатре полна со цвеќиња, која ги одгледува моменталната домаќинка и држи се под клуч, немој случајно некој да ѝ украде нешто.
Штом се доближивме до нејзиното импровизирано живеалиште, таа дојде со брзина на светлината и со молба од докторката и медицинската сестра на тој оддел да дозволат да ја разгледаме нејзината „куќа“. Таа во психијатриската болница „Бардовци“ е од пред 11 години, поточно од 2015 година, откако претходно си го убила сопственото дете. Различни пациенти со различни судбини.








