Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски, денеска оствари средба со македонските куглари и нивниот селектор, кои на Светското првенство во Австрија остварија историски успех освојувајќи четири сребрени медали во две тандем дисциплини.
Стефанија Алексовска и Дарко Јовановски ја освоија титулата светски вицешампиони во дисциплината Тандем микс, постигнувајќи еден од најголемите успеси во историјата на македонското куглање.
Со сребрени медали се закитија и Стефанија Алексовска и Андреа Велјановска во дисциплината Тандем жени. Според тренерот Игор Михајловски, кугларките покажале извонредна игра во клучните моменти и ги надминале сопствените очекувања на патот до светското сребро.
Коњановски им честиташе на спортистите за големиот успех и им посака уште многу спортски достигнувања во иднина.
„Битола е горда на своите шампиони. Овие резултати се доказ за посветеноста, трудот и квалитетот што го поседуваат нашите спортисти. Им посакувам уште многу успеси и нови медали на меѓународната сцена“, истакна Коњановски.
Тој нагласи дека кугланата во Битола, која е лиценцирана и за организирање меѓународни натпревари, претставува важен спортски центар од кој излегуваат талентирани спортисти што достојно го претставуваат градот и државата.








