Тешки денови за битолски Пелистер. По денешниот пораз и официјалното испаѓање од Првата македонска фудбалска лига, раководството на клубот соопшти дека ќе поднесе оставки, преземајќи целосна морална одговорност за неуспешната сезона.
Во официјалното соопштение, претседателот на клубот, заедно со целокупната управувачка структура, техничкиот директор и целиот стручен штаб, најавија дека своите оставки ќе ги достават до градоначалникот на Општина Битола.
Од клубот истакнуваат дека во текот на сезоната биле преземени бројни мерки и активности за стабилизација на тимот и обезбедување опстанок во елитното друштво, но вложените напори не донеле резултат каков што се очекувал.
Покрај оставките, досегашното раководство бара и спроведување на целосна ревизија на работењето на клубот. Целта, како што наведуваат, е да се отстранат сите сомнежи во јавноста околу евентуални финансиски злоупотреби и да се потврди дека средствата биле трошени наменски и транспарентно.
Со ваквиот потег, Пелистер влегува во период на сериозни промени и преиспитување на идните чекори. Битолскиот клуб, кој има богата традиција и голема армија навивачи, сега ќе мора да бара нов пат кон стабилизација и враќање во македонската фудбалска елита.
Наредните денови се очекуваат одлуки околу идното раководство и стратегијата за враќање на Пелистер на местото кое, според многумина, му припаѓа – во Првата македонска фудбалска лига.








