домаМакедонијаЃорѓиевски со отчет за една година: Намалени долговите, најавени нови мостови, 100...

Ѓорѓиевски со отчет за една година: Намалени долговите, најавени нови мостови, 100 автобуси и подземна улица во Скопје

- Advertisement -spot_img

Намалување на долговите, деблокирање на капиталните проекти и нови инвестиции во јавниот превоз и инфраструктурата. Ова се дел од резултатите што градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, ги претстави во својот едногодишен отчет, оценувајќи дека градската администрација успеала да постави основа за финансиска стабилизација и понатамошен развој на главниот град.

Според Ѓорѓиевски, при преземањето на функцијата затекнал речиси 300 милиони евра долг, финансиски оптоварени јавни претпријатија и повеќе запрени инфраструктурни проекти.

Тој соопшти дека во изминатата година тековните обврски на Град Скопје биле намалени за 322 милиони денари, додека дополнително биле исплатени 743 милиони денари за кредити, експропријации, судски постапки, субвенции и други обврски.

Значително намалување на долговите, според презентираните податоци, има и кај јавните претпријатија. Најголемо намалување е евидентирано во ЈП „Водовод и канализација“, за 1,66 милијарди денари, додека обврските на ЈСП се намалени за 634 милиони денари.

Во делот на инфраструктурата, градоначалникот посочи дека продолжуваат работите на повеќе значајни сообраќајни проекти, меѓу кои проширувањето на булеварот „Борис Трајковски“, клучката кај Момин Поток, булеварот „Македонија“ и мостот што ги поврзува улиците „Љубљанска“ и „Скупи“.

Се работи и на пристапните сообраќајници кон мостот „Генерал Михајло Апостолски“, додека во неколку скопски општини се реконструирани улици и се поставени околу 2.000 заштитни столпчиња за поголема безбедност во сообраќајот.

Еден од главните приоритети останува јавниот превоз. Ѓорѓиевски најави набавка на 100 нови еколошки автобуси, како и продолжување на активностите за реализација на системот за брз автобуски превоз – БРТ.

Тој истакна дека од септември функционира градскиот воз на релацијата Зелениково – Скопје, а според неговите податоци, ЈСП во првите шест месеци од годинава заштедило околу половина милион евра за гориво во споредба со истиот период минатата година.

Во областа на животната средина, градоначалникот информираше дека е деблокирана изградбата на пречистителната станица во Трубарево, чија реализација надминала 40 проценти. Овој проект треба значително да придонесе за намалување на загадувањето на реката Вардар.

Паралелно се реализираат активности за подобрување на комуналната хигиена, вклучително и набавка на 3.300 нови контејнери и специјализирани возила за собирање отпад.

Меѓу најавените еколошки проекти е и трансформацијата на просторот на поранешната депонија Вардариште во голем парк со површина од околу 600.000 квадратни метри, како и создавање нови зелени коридори и парковски површини.

Ѓорѓиевски најави и нови инфраструктурни зафати, меѓу кои изградба на мост и сообраќајница што ќе ги поврзат Ѓорче Петров и Сарај, како и нов мост преку Вардар меѓу Ново Лисиче и Маџари.

До крајот на мандатот, според неговите најави, Скопје треба да ја добие и првата подземна улица.

На полето на дигитализацијата, градската администрација работи на создавање дигитална реплика на Скопје, која треба да овозможи подобро урбанистичко планирање и управување со градот. Воведени се и електронски услуги за плаќање данок на имот, како и платформата „ЕкоСкопје“ за пријавување еколошки проблеми.

Во отчетот беа опфатени и инвестициите во противпожарната заштита, меѓу кои изградба на нова противпожарна станица во Аеродром и набавка на специјализирано возило, како и вложувања во училиштата преку опремување современи кабинети и лаборатории.

„Пред една година побарав да верувате дека можеме. Денес ви ги претставувам делата со кои ја оправдуваме таа верба. Ќе продолжиме со уште поголема решителност сè додека промената не стигне до секое скопско маало“, порача Ѓорѓиевски.

Градоначалникот оцени дека првата година била посветена на финансиско закрепнување и започнување на важни проекти, додека во следниот период фокусот ќе биде ставен на нивното завршување и реализацијата на новите инвестиции.

Според него, крајната цел е Скопје да добие подобра инфраструктура, поефикасен јавен превоз, почиста животна средина и поквалитетни јавни услуги за граѓаните.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img