Изградбата на автопатот Прилеп-Битола напредува според планираната динамика, а првите километри од новата автопатска делница се очекува да бидат пуштени во употреба веќе следната пролет. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при денешната посета на Општина Могила.
Николоски оцени дека работите на терен се одвиваат со одлично темпо и изрази уверување дека предвидените рокови ќе бидат целосно испочитувани.
„Динамиката на изградбата на автопатот Прилеп-Битола е одлична, работиме со одлично темпо, роковите ќе бидат запазени. Очекувам веќе следната пролет да ги имаме првите километри автопат на овој потег, што многу ќе значи за движењето, за економијата и за поврзувањето не само на Прилеп и Битола, туку и на општините Могила и Новаци, како и на Ресен и Демир Хисар“, изјави Николоски.
Според него, новата автопатска делница ќе има големо значење за целиот Пелагониски регион, овозможувајќи побрз и побезбеден сообраќај, подобра поврзаност меѓу градовите и полесен транспорт на луѓе и стоки.
Министерот нагласи дека инфраструктурниот проект ќе придонесе и за економски раст, отворање нови можности за инвестиции и подобрување на условите за живот во регионот.
„Тоа многу ќе значи за заживувањето на целиот овој регион и за поттикот на економијата, имајќи предвид дека значаен дел од економијата е токму во Пелагонискиот регион“, додаде Николоски.
Автопатот Прилеп-Битола е еден од најзначајните инфраструктурни проекти во државата и се очекува значително да го подобри сообраќајното поврзување во југозападниот дел на земјата, како и да придонесе за побрз економски развој на Пелагонија.








