Американскиот технолошки гигант Meta планира да воведе нови верзии со претплата на своите најпопуларни платформи – Facebook, Instagram и WhatsApp. Наречени Facebook Plus, Instagram Plus и WhatsApp Plus, на корисниците ширум светот ќе им бидат понудени дополнителни функции и ексклузивна содржина, објави главната директорка за производи на Meta, Наоми Глејт, во видео објавено на Instagram во среда.
Со овој потег, Meta се стреми да ја намали зависноста од приходите од рекламирање и да отвори нови извори на приход преку бизнис моделот со претплата.
Според Глејт, корисниците кои се претплатуваат на Instagram Plus и Facebook Plus ќе добијат пристап до напредни алатки за аналитика, подетални статистики за преглед на приказните на Instagram и дополнителни опции за персонализација на профилот.
WhatsApp Plus, од друга страна, ќе се фокусира првенствено на персонализирање на корисничкото искуство. Меѓу најавените функции се премиум налепници и прилагодливи мелодии за ѕвонење. Meta сè уште не објавила целосен список на функционалности што ќе бидат достапни во рамките на новите пакети за претплата.
Нова стратегија под брендот „Мета Уан“
Иако официјалните информации за цената сè уште не се потврдени, неколку медиуми објавија дека претплатата за Instagram Plus и Facebook Plus треба да биде 3,99 американски долари месечно, или околу 3,40 евра. WhatsApp Plus наводно чини 2,99 долари месечно.
На долг рок, Мета планира да ги обедини сите Plus услуги под еден бренд наречен „Мета Уан“. Уште во 2023 година, компанијата воведе верзии на Facebook и Instagram без реклами во Европа, како одговор на построгите регулативи на Европската Унија за заштита на приватноста и користење на кориснички податоци.








