Нови дилеми се отворија во судскиот процес за трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани, откако адвокатот Владимир Туфегџиќ посочи дека еден од доказите презентирани од Јавното обвинителство се однесува на сосема друг објект и друга локација, а не на објектот во кој во март 2025 година загинаа 63 лица, а 222 беа повредени.
Туфегџиќ на својот профил на Фејсбук објави дека Обвинителството како доказ во постапката ја извело лиценцата за дискотеката „Пулс“ издадена во 2012 година со важност од една година, но според него таа лиценца се однесува на друг објект кој нема никаква врска со местото каде што се случила трагедијата.
Според адвокатот, ваквиот доказ отвора сериозни прашања околу основаноста на обвинителната теорија за таканаречената „верижна институционална одговорност“, врз чија основа се гонат повеќе лица, меѓу кои и поранешни функционери и министри.
„Ако Обвинителството презентира лиценца издадена во 2012 година за сосема друг објект на друга локација, тогаш основано се поставува прашањето како таа се поврзува со трагедијата што се случила во 2025 година и со одговорноста на тогашните носители на функции“, наведува Туфегџиќ.
Тој смета дека доказите кои биле изведени во судницата треба да претставуваат основа за ревидирање на дел од обвинението, со цел да се утврдат вистинските околности, степенот на вина и евентуалната одговорност на обвинетите.
Во дополнителни коментари под објавата, Туфегџиќ посочува дека особено проблематично е тоа што Обвинителството изведува исти докази кои ги предлага и одбраната.
„Ако овие докази се неспорни и за Обвинителството и за одбраната, тогаш се поставува прашањето од што точно се бранат министрите од 2012 година, какви дејствија на извршување им се ставаат на товар и како се поврзуваат со концептот на верижна институционална одговорност“, прашува адвокатот.
Тој додава дека не е сигурен дали на државниот јавен обвинител Ненад Савески му биле презентирани сите релевантни факти врз кои се темели актуелната обвинителна конструкција за верижна одговорност или за посебен придонес во извршувањето на кривичното дело.
Случајот „Пулс“ се однесува на катастрофалниот пожар што избувна во дискотеката во Кочани во март 2025 година, при што животот го загубија 63 лица, а 222 беа повредени. Во предметот обвинети се вкупно 35 физички и три правни лица, кои се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Според обвинението, одговорноста на обвинетите се темели на постапки или пропусти направени во периодот од 2012 година па сè до денот на трагедијата, а судската постапка продолжува со изведување докази и сослушување на учесниците во процесот.








