Трагичен крај на потрагата по 23-годишно момче од тетовското село Сараќино, кое исчезна во Австрија. Неговото тело синоќа било пронајдено во езерото Факер, јавуваат австриските медиуми.
Младиот човек, кој бил сопственик на кафе-бар, исчезнал без трага во понеделникот, а последен пат бил виден во Дроболах околу 17 часот. Неговото семејство истиот ден пријавило исчезнување во полиција.
Бидејќи причината за смртта засега е нејасна, надлежните наредиле обдукција.
Според информациите, во четвртокот вечерта на езерото била организирана голема акција за пребарување, во која учествувале полицијата, пожарникарите и службите за спасување на вода.
Алармот бил вклучен околу 18 часот, откако на брегот на езерото биле пронајдени лични предмети на исчезнатото лице. Веднаш потоа започнала обемна потрага, а во акцијата бил вклучен и полициски хеликоптер.
Во потрагата учествувале 12 нуркачи за спасување на вода, како и двајца нуркачи од професионалната противпожарна служба од Клагенфурт. На терен биле распоредени и неколку спасувачки чамци, додека крајбрежјето било блокирано и расчистено. Посетителите на плажата биле евакуирани од областа.
Операцијата била прекината околу 20 часот, кога нуркачите по околу 40 минути пребарување го пронашле телото на 23-годишникот на дното од езерото.








