Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, предлага референдум за членството на Македонија во Европската унија. Тој вели дека граѓаните треба сами да одлучат дали сакаат да ја плаќаат цената за, како што рече, криминалните политики на Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
„Вчера го слушнавме Христијан Мицкоски, рече: ‘Нема повеќе отстапки за влез во Европската Унија, подготвени сме да ја платиме цената’. Се поставуваат две прашања: кои се тие отстапки и кои се тие што ќе ја платат цената? За отстапките слушнавме досега. Сè што кажа, всушност, било една голема лага. Ќе го враќал името, ќе го поништувал Преспанскиот договор, биле загрозени јазикот, идентитетот и така натаму. И таа лажна кампања постепено почна да се разобличува изминатиот период и веќе граѓаните знаат – ништо од тоа не е вистина. Христијан Мицкоски самиот призна дека Преспанскиот договор е ремек-дело на дипломатијата. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова кажа дека со договорот е потврден идентитетот и јазикот. Тимчо Муцунски го слушнавме како кажа дека со влезот во НАТО е загарантирана безбедноста и се подобрува бизнис-климата во државата. За жал, тоа тие не знаат и не можат да го искористат“, истакна Филипче.








