Пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, оцени дека задолжувањето од 260 милиони евра се носи во нетранспарентна постапка и предупреди дека средствата можеби нема да бидат искористени за развојни проекти.
„Во овие неколку дена откако законот беше предложен во Собранието по скратена постапка и во нетранспарентна процедура, мислам дека тие ќе бидат товар на граѓаните и нема да се употребат за она што се најавуваше, а тоа е развојни проекти“, рече Петровска.
Таа посочи дека реториката на власта околу намената на средствата постојано се менувала — од исплата на плати и пензии до развојни инвестиции.
„Од она што во законот може да се види, јас не гледам цврста определба дека новите 260 милиони евра ќе бидат искористени за развој, туку сметам дека тие се некоја сива зона која им е потребна на Министерството за финансии и власта“, изјави Петровска.
Пратеничката дополнително ја критикуваше министерката за финансии поради нејзиното отсуство од собраниската расправа.
„Отсуството на министерката за финансии и минатата недела и денеска ни дава за право да сметаме дека таа бега од одговорноста и од соочување“, додаде Петровска.








