Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини вчера го одржа кварталниот координативен состанок на Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција (JETIP), на кој беше претставен напредокот на платформата. На состанокот беше официјализирано приклучувањето на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) кон платформата преку потпишување на Аранжманот за пристап кон Заедничката декларација, што е сигнал дека и понатаму се зголемува поддршката од меѓународните партнери.
„ Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција веќе не е само платформа за планирање – тоа е платформа која испорачува. Имаме конкретни проекти во изградба, работници кои се обучуваат и инвестиции кои се реализираат на терен. Преку Платформата испраќаме јасна порака дека меѓународната заедница го поддржува нашиот курс кон праведна и одржлива енергетска транзиција“, посочи министерката Сања Божиновска.
Инвестициската платформа за праведна енергетска транзиција воспоставена со потпишувањето на Заедничката декларација на COP28 во декември 2023 година, претставува главен координативен инструмент на Владата за спроведување на праведната енергетска транзиција.
Во моментот се идентификувани околу 80 проекти кои директно придонесуваат кон енергетската транзиција а истата е поддржана од водечки меѓународни финансиски институции: ЕБОР – како главна водечка финансиска институција, КfW, Светска банка, ЕИБ, Климатскиот инвестициски фонд, Француската агенција за развој, Council of Europe Development Bank, Cassa Depositi e Prestiti, УНДП и ЕУ.
Вредноста на проектите кои се идентификувани, во моментот се во вкупен износ од околу 1,7 милијарди евра, од кои за проекти во вкупна вредност од приближно 460 милиони евра се веќе обезбедени финансиски средства. Портфолиото вклучува инсталирање на обновливи извори на енергија од 252 MW во јавниот сектор (фотонапонски централи, ветерни централи, складишни капацитети), каде најголем удел има фотонапонската централа Битола 3 (134 MW), чиј договор за финансирање беше потпишан во декември 2025 со меѓународните развојни банки ЕБОР и КfW.
Согласно последниот извештај за 2025 година објавен од страна на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад, електроцентралите коишто користат обновливи извори на енергија доминираат во вкупниот инсталиран капацитет, односно нивното учество во 2025 година изнесува 58,22%, што претставува зголемување од 2,5% споредено со 2024 година. Во вкупниот инсталиран капацитет во 2025 година фотонапонските електроцентрали учествуваат со 30,44%, хидроелектроцентралите со 22,76%, и сите преостанати обновливи извори со 5,01%.
Понатаму, 676 вработени во ЕСМ успешно завршиле програми за обука во текот на 2025 и 2026 година, надминувајќи ги очекувањата во различни обуки за технички вештини, монтажа на сончеви панели, управување со енергија.
Многу значајна е и улогата на приватниот сектор со вкупна мобилизација од над 210 милиони евра, преку комерцијалните банки и развојните банки, за изградба на капацитети од обновливи извори на енергија.
Со имплементација на ова портфолио, се очекува да се намалат емисиите за приближно 220.000 тони CO₂ годишно.
На состанокот беше истакнато дека со усвојувањето на ревидираниот План за енергија и клима на 31 март 2026 година, политичката рамка за транзицијата е во голема мера заокружена. Следен чекор преставува усвојувањето на Законот за обновливи извори на енергија, којшто ќе се реализира оваа година.








