Раководството на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ кое е организатор на Малиот Битолски Монмарт денеска имаше прием кај градоначалникот на Битола Тони Коњановски.
Тие го информираа градоначалникот за подготовките на 45-то издание на Светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“ на која ќе бидат присутни 18 делегации од 15 држави од светот, како и тоа дека на овогодинешниот конкурс на 44-то издание на Светската детска ликовна изложба „Битола“ пристигнаа 850 пратки од 85 држави, односно 85.000 цртежи.
Со нив на приемот кај градоначалникот беше и 17 годишната битолчанка Ана Полизовска која е првата учесничка од Македонија која за прв пат во изминатите 45 години е прогласена за најдобар учесник на колонијата. Таа е членка на детското ликовно студио од својата 7 година, а на градоначалникот му подари ликовно дело со мотиви од архитектурата на Битола.
В сабота свечено ќе биде отворен Малиот Битолски Монмарт во Офицерскиот дом во 20:00 часот каде ќе биде врачена Гран при наградата која оти во Белград, Србија кај ликовното атеље „Артино“, а наградата за животно дело кај Хенри Лау од Хонгконг ( НР Кина ).
Над 100 учесници пет дена ќе творат во Битола во Старата чаршија, Широк Сокак и Офицерскиот дом и по еден работен ден ќе имаат во Охрид и манастирот „Св. Јован Бигорски“, при што се очекува да изработат над 700 ликовни дела.
Организаторите се заблагодарија за поддршката што ја добиваат од Општина Битола.
Oпштина Битола во континуитет ja помага оваа манифестација, но од пред 5 години откако Тони Коњановски е градоначалник на Битола манифестацијата е дел од годишната програма за култура за Општина Битола каде се финансираат и други културно-уметнички настани во Битола.








