Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција изјави дека „Македонија не смее да потклекне поради криминалното минато на Филипче и Заев, кои поради власт и амнестија би ја однеле државата во амбис“.
Манасиевски рече дека Венко Филипче и Зоран Заев веќе еднаш го променија Уставот и го продадоа името за таканаречен влез во ЕУ, додавајќи дека сега повторно доколку имаат можност би направиле нова отстапка, односно внесување на Бугарите во Уставот, со што би се отвориле нови блокади или вета од бугарските власти.
Тој оцени дека единствен начин Филипче да дојде на власт е со слугување на други држави и нивните власти, удоволување на нивните барања и кодошење на државата.
„Наместо еднаш да покаже достоинство и да застане на вистинскиот пат, Филипче повторно ќе ги распродава националните интереси за свој личен интерес“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека уцените кои доаѓаат од Бугарија кон Филипче не се едноставни, поради што, како што рече, е спремен да исполни се што ќе му се побара.
Манасиевски порача и дека Филипче нема да биде власт во Македонија, како и дека ќе одговара за својот криминал.








