Скопје денеска го одбележува 13 Ноември – Денот на ослободувањето на градот, датум што останува врежан во македонската историја како симбол на слободата, храброста и жртвата на стотици борци кои ги положија своите животи во завршните борби од Втората светска војна.
По жестоките судири што се воделе на 12 и 13 ноември 1944 година, единиците на Народноослободителната војска успеале да го ослободат Скопје од германската окупација. Во борбите учествувале припадници на Третата и Дванаесеттата македонска ударна бригада, меѓу кои имало голем број скопјани кои добро го познавале градот и неговите улици.
Еден од учесниците во ослободувањето, Трајко Стаматовски, подоцна се присетувал дека слабиот снег што паѓал на 13 ноември им го олеснувал движењето низ градот. Кога неговата единица пристигнала, борбите веќе биле во полн ек, а најжестоките пресметки се воделе кај тогашниот хотел „Македонија“, Офицерскиот дом, Народната банка и Старата железничка станица.
Особено тешки биле судирите во зградата на тогашната Женска гимназија, во близина на денешната Влада, каде што борбите се воделе од кат на кат и од училница до училница. Во акцијата активно помагале и членовите на скопското движење на отпорот, кои заедно со борците успеале да го спречат минирањето на Камениот мост при повлекувањето на германските сили.
Но, денот на слободата останал запаметен и по едно трагично злосторство. На 13 ноември 1944 година, германски војници, при своето повлекување, стрелале деветмина цивили покрај Вардар. Нивната жртва и денес претставува потсетник на страдањата што ги преживеал градот во последните часови од окупацијата.
Ослободувањето на Скопје било извојувано со висока цена. Во борбите животот го загубиле повеќе од 420 партизани и партизанки, чии имиња засекогаш остануваат дел од историјата на градот.
Денес, покрај Камениот мост, на кејот на Вардар, се наоѓа споменикот посветен на деветтемина стрелани цивили. Тој, заедно со бројните спомен-обележја низ градот, сведочи за борбата за слобода и претставува место каде секој 13 Ноември се оддава почит на сите кои ги положија своите животи за Скопје повторно да биде слободен.






