Успехот и развојот на надарените и талентирани ученици често зависи од парите и од врските на нивните семејства бидејќи недостасува соодветна поддршка од државата. Во Македонија нема регистар, насоки ниту обучен кадар за младите генијалци, а државата ветува нов пристап.
Автори: Елена Митева* и Тони Ајтовски**
Михаела Павловска од Македонска Каменица пред две години освои сребрен и бронзен медал на Меѓународната олимпијада по географија и геонауки во Пекинг. Таа таму се претставуваше себеси, своето училиште, но и Македонија. За нејзиниот настап во Кина државата не одвоила пари, туку родителите сами го платиле патот со 1.000 евра. Овој трошок подоцна го покрила приватна фирма.
Ненад Павловски, татко на Михаела, разочаран од лошото искуство со поддршката за талентираните ученици, и на државно и на локално ниво, вели дека улогата на овие млади во очите на властите е чисто декоративна.
„Талентираните деца служат само за фотографирање во канцелариите на градоначалниците и за давање јавни изјави дека ги поддржуваат. По освоените награди ниту државата ниту општините немаат мерки со кои ќе ги поддржат за да го продолжат нивниот развој – да им обезбедат долгорочна стипендија, поддршка во понатамошното школување на факултет, помош при вработување и слично“, објаснува Павловски.
Македонското општество со години се соочува со загрижувачка системска невидливост на надарените и талентирани ученици. Иако тие се од огромна национална важност, постојано наидуваат на институционални препреки што го задушуваат нивниот потенцијал.
Нема општоприфатени насоки за работа со овие ученици од предучилишна возраст до завршување на средното образование. Проблемот е присутен на сите нивоа во образовниот систем, но е особено изразен во помалите урбани и рурални средини, каде што програмите за работа со талентирани ученици се кратки, општи и не нудат конкретна поддршка.
Михаела Павловска по освоените медали на Меѓународната олимпијада / Фото: Приватна архива
Симболична поддршка
Павловски посочува на своевидна дискриминација кон талентот на децата како неговата ќерка, во зависност дали тоа постигнало успех во домашни или во меѓународни рамки.
Особено поразителен е односот на локалниот систем за стипендирање, каде што врвниот светски резултат се изедначува со обичен училиштен просек.
„Кон нив се однесуваат како да се болни од некоја заразна болест. Кога ќе освојат медал од олимпијада, можат да добијат само општинска стипендија во период од 10 месеци. Овде се доаѓа до апсурдна ситуација. Ако детето е добитник на државна стипендија, не добива и општинска стипендија. Притоа, општината воопшто нема слух и желба да финансира учество на олимпијади и на натпревари. Наградата од меѓународна олимпијада и постигнатиот просек со оценка 5,00 во редовното образование се изедначуваат со 3.000-3500 денари. Нема соодветна мерка за висината на стипендијата во согласност со постигнатиот успех. Така, може да се случи добитници на општинската стипендија да немаат учество на ниеден државен или меѓународен натпревар“, вели Павловски.
Додека државата со години се правда со „концепции во подготовка“, натпросечно интелигентните ученици се препуштени на демотивирачки однос во училниците, а нивниот напредок зависи исклучиво од социјалниот статус и од финансиската моќ на нивните семејства.
На локално ниво, општините се фокусираат на образовната инфраструктура и покривање основни трошоци затоа што тие се видливи за јавноста, оценувајќи дека „наставните програми се под надлежност на државата“.
„Освоените места и медали на меѓународната олимпијада, од Општината ги искористија само за сликање со добитничката и со празно ветување дека во иднина ќе биде подобро. Ништо не се подобри, ништо не доби како награда освен државната стипендија од некаде 50-60 евра месечно, во траење од девет месеци, што искрено е малку за талент и надареност какви што поседува Михаела и таквите деца. До ден-денешен таа се натпреварува во категоријата географија и геонауки, повторно редовно присуствува и освојува места на државните натпревари, но тука застанува со тоа. Нема понатаму што, нема кој да ја мотивира, освен ние како родители, за да оди напред. Каде ќе продолжи Михаела? Искрено, не знам. Најверојатно надвор од државата, некаде што подалеку од оваа држава, од ова општество“, вели Павловски.
Родителите се обидуваат да ја пополнат празнината
Преку граѓански иницијативи, како Здружението „Бистри умови“ од Кочани, родителите се обидуваат да ја пополнат празнината што ја остава државата. Тие собираат средства од фирми, спонзори и донации за организирање курсеви, кампови, подготовки, материјали и логистика.
Ваквата поддршка е важна, но и нестабилна. За секоја нова активност, повторно треба да бараат помош.
„Токму искуството како родители – да гледате колку многу значи квалитетен ментор, напредна програма, натпреварувачка средина и системска поддршка – ни ја разбуди идејата дека тоа не смее да биде привилегија и се роди ‘Бистри умови’“, вели Анита Атанасова-Грчев, претседателка на Здружението.
Таа вели дека преку оваа иницијатива сакаат да им помогнат на сите деца, без разлика од каде се и од какво семејство потекнуваат.
„Нема понатаму што, нема кој да ја мотивира, освен ние како родители, за да оди напред. Каде ќе продолжи Михаела? Искрено, не знам. Најверојатно надвор од државата, некаде што подалеку од оваа држава, од ова општество“Ненад Павловски, татко на Михаела
„Талентот не избира град, не избира презиме, не избира финансиска состојба“, вели таа.
Од државните институции досега немаат добиено директна финансиска или материјална поддршка. Општина Кочани трипати им помогнала да реализираат еднонеделен бесплатен камп за учениците од националните тимови по информатика.
Социјалните предрасуди и структурните бариери ја кочат поддршката
Дел од проблемот е длабоко вкоренет и во структурните недостатоци на образовниот систем. Всушност, кај нас постои погрешно уверување дека „на надарените деца не им треба помош затоа што тие и онака се доволно паметни“. Таквата емоционална неподдржаност често влијае тие да бидат дефокусирани или незаинтересирани, губејќи ја работната навика додека го следат наставниот материјал.
Поради недостигот од утврдени стандарди за работа со овие ученици, општините немаат поттик да инвестираат во соодветни локални или регионални центри за поддршка, со што талентот не може да се концентрира на едно место, каде што има ресурси – лаборатории и ментори, па останува невидлив и распрскан.
Дополнително, македонските наставници се немоќни да воведат диференцирана настава поради огромниот административен товар и недостатокот на системски протоколи.
„Од стручен аспект, помошта на наставникот кај вакви ученици е минимална, бидејќи тие ги надминале наставните содржини. Меѓутоа, мојата улога ја гледам повеќе во поддршка и ослободување од детскиот притисок. Ние сме научени секогаш да очекуваме прво место и злато. Околината секогаш го влошува тоа со прашања или констатации од типот: ‘Ех, второ место ли освои?’. Предизвикот е огромен за таа возраст и улогата на наставникот е да му помогне на детето да се справи и со успехот и со непогодените задачи“, истакнува Нада Давиткова, наставничка по информатика во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ во Кочани.
Без концепција што ќе ги води, наставниците немаат јасни правила што точно да бараат од учениците, а истовремено не се доволно стимулирани, односно финансиски поткрепени за работа со талентирани и надарени. Работењето со овие ученици го гледаат како невозможна мисија за време на обичен час, што води до игнорирање на нивните потреби за посебно внимание.
Финансиски парадокси – минорни награди за меѓународни успеси
Податоците од Министерството за образование и наука покажуваат големи разлики во исплатите на награди за постигнат успех на домашни и на меѓународни натпревари.
Статистиката за исплати на награди за освоени медали на меѓународни натпревари покажува дека во 2022 година се исплатени 308.144 денари, во 2023 година сумата драстично е намалена на 114.794 денари, а во 2024 година исплатата пораснала само минимално, на 165.172 денари.
Истовремено, за освоено прво, второ и трето место на државни натпревари во текот на истиот тригодишен период се исплатени близу 3.160.000 денари или петпати повеќе. Тоа укажува дека државата повеќе го вреднува успехот на домашни натпревари отколку пробивањето на светската сцена, каде што трошоците за котизации и патувања се многукратно поголеми.
„Ние сме научени секогаш да очекуваме прво место и злато. Околината секогаш го влошува тоа со прашања или констатации од типот: ‘Ех, второ место ли освои?’. Предизвикот е огромен за таа возраст и улогата на наставникот е да му помогне на детето да се справи и со успехот и со непогодените задачи“Нада Давиткова, наставничка по информатика во ОУ „Св. Кирил и Методиј“ – Кочани
„Паричната награда за освоено прво место на државен натпревар изнесува 10.000 денари, додека за меѓународен натпревар 100, 80 или 60 отсто (во зависност дали е освоено прво, второ или трето место) од просечната нето-плата во државата. Министерството, на барање на акредитираните здруженија на наставници за учество на еден меѓународен натпревар од математиката, природните науки и информатиката, може во текот на една година да ги покрие трошоците за котизација и пат на најмногу шест ученици и најмногу три ментори, чија бројка зависи од правилата на организаторите на меѓународниот натпревар. За меѓународни натпревари во 2022 година покриени се трошоци за пат од 526.204 денари и за котизација од 58.274 денари, во 2023 година трошоци за пат 650.000 денари и за котизација 68.639 денари, а за 2024 година за трошоци за пат се исплатени 579.145 денари и за котизација 68.652 денари“, информира министерката Весна Јаневска во писмениот допис.
Институционалните активности се „во фаза на подготовка“
Постојниот пристап на државните институции кон ова горливо прашање досега може да се дефинира како декларативен приоритет чија имплементација оди многу бавно. Нема стандардизиран систем за препознавање и тестирање на надарените деца.
„Министерството за образование и наука не води регистар и нема податоци за надарени и талентирани ученици. Досега не се направени поединечни конкретни истражувања за нивниот број, имајќи предвид дека Концепцијата за надарени и талентирани ученици треба да го појасни процесот на детектирање и работа со нив“, стои во одговорот на министерката Јаневска.
„Паричната награда за освоено прво место на државен натпревар изнесува 10.000 денари, додека за меѓународен натпревар 100, 80 или 60 отсто (во зависност дали е освоено прво, второ или трето место) од просечната нето-плата во државата“Министерство за образование и наука
Во Стратегијата за образование 2026–2032, што Министерството ја донесе во март годинава, односот на формалниот систем кон натпросечните ученици е лоциран како еден од клучните системски недостатоци. Во рамките на СВОТ-анализата, во делот за слабости на образовниот систем, експлицитно е нотирана „слаба поддршка на талентирани ученици“, што директно ги потврдува децениските критички согледувања за инертноста на институциите.
Дополнително, во Анализата на состојбата од истиот документ се истакнува дека во училиштата сè уште доминира традиционален модел и дека „наставните практики не стимулираат развој на социоемоционалните вештини на учениците“, при што кај голем дел од кадарот „отсуствува поддршка на учениците за правење избор за тоа како ќе решат одредена задача“. Ваквиот методолошки дефицит создава пречки што директно го ограничуваат потенцијалот на учениците за високи постигнувања и сеопфатен развој.
Новата Концепција на МОН и БРО – Национална рамка за четирифазен цикличен модел
Со донесувањето на новата Концепција за откривање и работа со талентирани и надарени ученици во основното образование, што ја изработија од Бирото за развој на образованието и Министерството за образование и наука, државата за првпат поставува усогласена рамка за системски пристап.
Концепцијата го дефинира подрачјето на надареноста не како повремена или елитистичка активност, туку како составен дел на редовниот образовен систем. Документот воспоставува развоен, цикличен и повеќедимензионален модел во четири поврзани фази – препознавање преку повеќе извори на информации, односно наставници, портфолио, чек-листи, родители, потоа фаза на развивање и следење со обезбедување можности во училиштето да се следи како ученикот реагира на зголемен предизвик. Третата фаза е стручна идентификација од страна на училишниот тим од наставник, педагог и психолог, а на крајот следува фаза на изработка на индивидуален план за воспитно-образовна поддршка во редовната настава, менторство, вонучилишни активности и социо-емоционална поддршка.
Документот децидно пропишува дека надареноста не смее да се поистоветува исклучиво со високи оценки, односно просек 5.00 или со резултати од натпревари. Поддршката мора да започне во редовната настава преку диференцијација, збогатување и продлабочување на материјалот, а основната училишна поддршка за ученикот мора да се обезбедува без никаков трошок за семејството. Посебно внимание се посветува на двојно исклучителните ученици кај кои талентот е придружен со попреченост или тешкотии и на учениците од социјално ранливи средини.
За талентираните средношколци нема обучен кадар
Од Бирото за развој на образованието (БРО) информираа дека во последните години е акредитирана една програма за обука на наставници – „Стратегии, методи и техники за работа со надарени ученици“ – која опфатила 1.905 наставници во основните училишта. Програмата ја изработи Друштвото за интелектуални и образовни услуги Виртуал М ДООЕЛ Куманово и е составен дел на Каталогот на акредитирани програми за обука за наставниците во основните училишта, од кој секој наставник можел да направи избор на програма за обука на конкретна тема според личниот план за професионален развој. За наставниците од средните училишта, како и за стручните соработници од основните и од средните училишта, во последните три години БРО нема акредитирано програма за обука со надарени и талентирани ученици.
Како одговор на овие констатирани слабости, Стратегијата за образование 2026–2032 ги поставува иновациите и ученичката извонредност како национален приоритет. Во рамките на Приоритетната област „Основно образование“, документот дефинира посебна Мерка 2.6 – „Воспоставување систем за идентификација, поддршка и стимулирање на талентираните ученици“. Со оваа мерка се предвидуваат измени на законските прописи, донесување правилник со критериуми за рангирање, воведување посебна програма и обезбедување средства за стипендирање, како и развој на менторски програми за талентираните ученици.
Во очекување на спроведување на долгорочните мерки, програми и национални приоритети за талентираните ученици кои државните институции ги ставиле на хартија, останува грижата за овие млади умови да ја водат нивните најблиски или некои други општества што ќе го препознаат и ќе го поттикнат нивниот потенцијал.
* Елена Митева е активистка на Здружението Апогеј – Виница
** Тони Ајтовски е новинар
Системско слепило за македонските генијалци: талентираните млади се товар или шанса за државата?






