Во селото Горно Крчиште, во областа Полени – Маќелара, на 23 мај 2026 година ќе се одржи традиционалната Годишна македонска средба по повод големиот христијански празник Спасовден.
Настанот ќе започне во 9 часот кај древната црква Свети Спас, која потекнува од 1232 година и претставува значаен споменик на културата и духовното наследство на Македонците во Албанија.
Во рамки на средбата ќе се одржи богослужба, а организаторите најавуваат и богата културно-уметничка програма исполнета со македонски песни, ора и традиционални специјалитети од македонската кујна.
Организатор на настанот е Македонско друштво „Илинден“ – Тирана, од каде упатија покана до сите Македонци од Албанија, но и од Македонија, како и до сите добронамерници кои сакаат да бидат дел од оваа традиционална средба.
Средбата во Горно Крчиште со години претставува симбол на зачувување на македонскиот идентитет, традиција и духовност меѓу Македонците во Албанија, а секоја година собира голем број посетители од целиот регион.








