Македонското друштво „Илинден“-Тирана одбележа 11 години од приемот во Федералната унија на европските националности (ФУЕН), најголемата и највисока малцинска организација во Европа, каде што е рамноправен член од 15 мај 2015 година.
Организацијата потсети дека станала првото друштво од Република Албанија кое било примено како рамноправен член во ФУЕН, на конгресот одржан во Комотини, Грција.
Од „Илинден“-Тирана истакнуваат дека во изминатите единаесет години активно работеле на заштита и унапредување на правата на Македонците во Албанија, со посебен акцент на зачувување на етничкиот, јазичниот и културниот идентитет, како и националните традиции на македонското малцинство.
Во соопштението се наведува дека друштвото континуирано учествувало на сите конгреси на ФУЕН, каде што поднесувало резолуции насочени кон подобрување на положбата и животот на Македонците во Република Албанија.
Според организацијата, сите предложени резолуции биле усвоени од страна на Федералната унија на европските националности, а потоа биле доставени до државните институции на Албанија, како и до меѓународни институции поврзани со заштитата на малцинските права.
Од Македонското друштво „Илинден“-Тирана посочуваат дека преку своето членство во ФУЕН, како и преку учеството во Работната група на словенските малцинства (АГСМ), активно го отворале прашањето за положбата на Македонците во Албанија и на меѓународната сцена.
Во обраќањето, организацијата упати благодарност до раководството на ФУЕН и до Работната група на словенските малцинства за, како што наведуваат, разбирањето и поддршката за интересите на македонското национално малцинство во Албанија.
Посебна благодарност беше упатена и до Македонското меѓународно движење за човекови права од Канада и неговиот претседател Бил Николов, за поддршката што му овозможила на друштвото да биде рамноправен член во ФУЕН.
На крајот од обраќањето, претседателот на Македонското друштво „Илинден“-Тирана, Никола Ѓурѓај, порача дека очекуваат уште многу јубилеи и продлабочување на пријателствата со народите и малцинствата во Европа.








