HomeМакедонијаБрајовиќ Григоријевиќ за МИА: Не постои волшебно решение за падот на населението,...

Брајовиќ Григоријевиќ за МИА: Не постои волшебно решение за падот на населението, обезбедување финансиски стимулации за раѓање повеќе деца не е доволно

- Advertisement -spot_img

Тековните демографски трендови во Северна Македонија водат до намалување и стареење на населението и претставуваат предизвици за иднината на системите за социјална заштита, работната сила и инфраструктурата, особено во руралните средини.

Вршителката на должноста шеф на канцеларијата на УНФПА, Фонд за население на Обединетите Нации во Северна Македонија, Јованка Брајовиќ Григоријевиќ, во интервју за МИА нагласува дека не постои едноставно, волшебно решение, но дека владите кои се загрижени за намалувањето на населението треба да ги обликуваат економиите и општествата на начин на кој младите луѓе ќе се чувствуваат сигурни и полни со самодоверба за да можат да ја планираат иднината. Таа истакнува дека потребно е прилагодување на системите и инвестирање во човечкиот капитал, во здравјето, образованието и вештините на населението, порачувајќи дека „здраво, добро образовано и вешто население им помага на земјите да напредуваат.“

УНФПА ја поддржува Владата во подготовката на новата Стратегија за демографска отпорност, која предвидува конкретни акции за справување со предизвиците: поддршка за семејствата и младите, промоција на активното стареење, задржување и привлекување таленти и родово-одговорен пристап во сите сфери.

Скопје на 7 и 8 мај ќе биде домаќин на Регионалната министерска конференција „Водечки промени: Патишта кон демографска отпорност центрирани околу луѓето“, на која ќе учествуваат претставници од над 30 земји. Конференцијата има за цел да генерира политички обврски и стратегии кои ќе ги стават луѓето во центарот на политиките за справување со демографските промени.

Брајовиќ Григоријевиќ потенцира дека класичните мерки за стимулирање на наталитетот не се доволни. Потребен е широк спектар на политики – од достапно домување и подобри можности за вработување, до поддршка на семејствата и рамноправна распределба на грижата за децата. Таа додава дека искористувањето на потенцијалот на дијаспората и создавање услови за „прилив на мозоци“ е исто така клучно.

На индивидуално ниво, демографските промени значат потреба за реформи во пензискиот систем, нови можности за вработување и поголема социјална инклузија, вели Брајовиќ Григоријевиќ во интервјуто нагласувајќи дека само преку инвестиции во луѓето и нивните права може да се изгради отпорно општество.

Населението на нашата земја се намалува и старее. Алармот е вклучен, знаеме каде сме и каде се движиме, па што и колку може креаторите на политики да направат од аспект на одржливост на пензискиот и здравствен систем, социјалната заштита, работната сила, инфраструктирата…?

– Тековните демографски трендови во Северна Македонија како што се иселувањето и нискиот фертилитет што водат до намалување и стареење на населението претставуваат предизвици за иднината на системите за социјална заштита, работната сила и инфраструктурата, особено во руралните средини. Ова се предизвици со кои се соочуваат голем број на земји во Европа. Постојат многу нешта што креаторите на политики можат да ги преземат како одговор.

Прво, мораме да ги разбереме демографските промени што се случуваат и како тие ќе влијаат врз сите сфери на економијата и општеството. Со пописот во 2021 година, направивме важен чекор во таа насока. Второ, врз основа на овие докази и анализи, треба да ги прилагодиме нашите системи – пензискиот, здравствениот, образовниот итн. на нашите идни демографски реалности. Со голема сигурност знаеме, на пример, колку стари лица ќе имаме за 10, 20 или 30 години и можеме да се подготвиме за тоа уште денес. И трето, треба да инвестираме во човечкиот капитал, во здравјето, образованието и вештините на населението и да се осигураме дека секој, вклучително и жените и другите групи кои често се потиснати на маргините, е вклучен во економијата и јавниот живот.

Треба да создадеме средина во која сите луѓе ќе можат да го исполнат својот потенцијал и економски да напредуваат, но и да ги остварат своите репродуктивни намери. Знаеме дека повеќето луѓе би сакале да имаат две или повеќе деца, но на крајот имаат едно или ниту едно. Штом ќе ги разбереме пречките со кои се соочуваат младите при остварувањето на нивните желби за потомство, како што се финансиската несигурност, недостатокот на домување или здравствените проблеми, ќе можеме да развиеме насочени политики за нивно решавање.

УНФПА ја поддржува Владата во подготовката на новата Стратегија за демографска отпорност што е втемелена во Националната развојна стратегија за следните 20 години и е целосно усогласена со основните принципи на националните стратешки документи. Стратегијата се фокусира на директно справување со демографските предизвици преку конкретни акции и предлага насочени, засновани на докази и секторски координирани интервенции за создавање подобри услови. Исто така, предвидува поддршка за семејствата и младите, промоција на активното стареење, задржување и привлекување таленти, како и прилагодување на социјалните системи кон новите демографски реалности. Стратегијата усвојува родово-одговорен пристап и ја позиционира родовата еднаквост како вкрстен двигател на демографската отпорност, со оглед на тоа што се потпира на сите клучни столбови: владеењето, развојот на пазарот на труд, социјалната инклузија, образованието и обезбедувањето јавни услуги.

Скопје од 7-8 мај ќе биде домаќин на Регионалната министерска конференција „Водечки промени: Патишта кон демографска отпорност центрирани околу луѓето“- пет години по таа во Софија кога за првпат земјите од регионот се собраа на министерско ниво под покровителство на ООН за да разговараат за импликациите од демографските промени. Освен преглед на состојбата дали може да очекуваме и конкретен план – патоказ за прилагодување и напредување на државите?

-На конференцијата ќе учествуваат министри, други високи владини претставници и меѓународни експерти од над 30 земји за да разговараат за стратегиите за справување со длабоките демографски трансформации кои го преобликуваат поширокиот регион на Источна Европа и Централна Азија.

Настанот се случува во клучен момент, во време кога креаторите на политики се ставени на тест како никогаш досега за да осигураат дека поединците и земјите можат да напредуваат во услови на променлива демографија. Успехот бара политичка волја и експертиза за проектирање и разбирање на популациските трендови, прилагодување на системите и искористување на новите можности на начин кој е сеопфатен, заснован на докази и цврсто фокусиран на правата и потребите на луѓето.

Напорите мора да се фокусирани кон градење демографска отпорност. Она што е потребно е конструктивен, долгорочен и сеопфатен пристап што е вкоренет во цврсти докази и заснован на човековите права. Токму за тоа станува збор на оваа конференција: дискутирање за стратегии и генерирање политички обврски кои ги ставаат луѓето на прво место во начинот на кој се справуваме со демографските промени бидејќи знаеме дека политиките што не одговараат на правата и потребите на луѓето се осудени на неуспех.

Негативните демографски предизвици не се само регионални, туку на ниво на Европа. Прашањето е што може секоја земја посебно, а за што е потребно регионално дејствување на државите за прилагодување на системите?

-Демографските промени се мегатренд на нашето време. Европа се соочува со ниски стапки на фертилитет, миграција и брзо стареење на населението, а овие демографски трендови влијаат врз економиите и работната сила, како и врз одржливоста на системите за социјална поддршка, услугите и инфраструктурата. Во Источна Европа, конкретно, спојот на ниските стапки на фертилитет и иселувањето доведува до значително намалување на населението. Во некои случаи, бројот на населението е намален за една третина или повеќе од почетокот на 1990-тите години. Единаесетте земји со најбрзо опаѓање на населението во светот се наоѓаат токму во Источна и Централна Европа. Проекциите на ОН сугерираат дека до 2050 година, повеќе од секој четврти граѓанин во регионот ќе биде на возраст над 65 години.

Во својот одговор на намалувањето на населението, властите низ светот обично се фокусираат на зголемување на стапките на наталитет и обезбедување финансиски стимулации за раѓање повеќе деца. Сепак, сведоци сме дека овој пристап не функционира. Она што е потребно е широк спектар на мерки кои ќе им олеснат на луѓето да изградат иднина во сопствените земји, наместо да бараат можности на друго место.

Доказите покажуваат дека посакуваниот ефект ќе го постигнеме преку комбинација на политики. Тие вклучуваат: инвестиции во грижата за децата во рана возраст, семејна поддршка достапна и за мажите и за жените, мерки со кои на жените и мажите ќе им се олесни балансирањето на семејните и работните обврски, зголемување на можностите за вработување и домување за младите, како и праведна распределба на грижата за децата и домашните обврски помеѓу мажите и жените.

Зајакнувањето на инклузијата е исто така од клучна важност за оспособување на земјите да се справат со демографските промени. Ова подразбира отстранување на бариерите за жените, постарите лица, имигрантите и оние на маргините на општеството. Исто така, многу е важно да се создаде средина во која дијаспората ќе се чувствува мотивирана да се врати, трансформирајќи го „одливот на мозоци“ во „прилив на мозоци“ преку иновации и циркуларна миграција.

Што значи сето ова на индивиуално ниво за секој граѓанин. Од аспект на работна сила – дали значи повеќе можности за вработување или немање доволно работници за задоволување на основните животни аспекти – мајстори, лекари, социјални и други работници? 

Не постои едноставно, волшебно решение. Владите кои се загрижени за намалувањето на населението треба да ги обликуваат економиите и општествата на начин на кој младите луѓе ќе се чувствуваат сигурни и полни со самодоверба за да можат да планираат иднина во сопствената земја, доколку така изберат.

За да создадат такви средини, владите можат да инвестираат во подобри можности за вработување и сигурност на работните места, достапно домување, реформа на системот за социјална поддршка, грижа за фертилитетот, подобра интеграција на жените во работната сила, политики за поддршка на семејствата и флексибилни работни аранжмани, како и споделување на товарот околу грижата и домашните обврски, меѓу останатото.

Пошироко гледано, и со цел да се одговори на поширокиот спектар на демографски предизвици со кои се соочуваат земјите, владите треба да инвестираат во човечкиот капитал: во здравството, образованието и вештините на нивното население. Здраво, добро образовано и вешто население им помага на земјите да напредуваат.

Подобрувањето на социјалната инклузија е исто така од примарно значење во сите контексти – како во земјите со низок фертилитет и намалена работна сила, така и во контекстите со висок фертилитет каде стареењето на населението брзо се забрзува. Со тоа што ќе осигураат дека жените, постарите лица, лицата со попреченост, мигрантите и другите кои често се потиснати на маргините можат активно да учествуваат во економијата и јавниот живот, земјите се ставаат во посилна позиција да се прилагодат и да управуваат со демографските промени.

На крајот, потребни ни се подобри, подетални податоци и поробусни системи за податоци за демографските поместувања и нивната меѓусебна поврзаност со другите мегатрендови – како што се нееднаквостите, климатските промени и технолошкиот напредок – со цел да ги разбереме, проектираме и да се подготвиме за демографските промени, како и да создадеме докази за политики кои ги адресираат правата и потребите на населението кое се менува.

- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404FansLike
61,453SubscribersSubscribe
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img