По повод 34 години од монетарната самостојност и воведувањето на македонскиот денар, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска истакна дека националната валута останува симбол на економската стабилност и сигурност на државата.
Таа посочи дека денарот во изминатите децении успешно се справувал со бројни економски предизвици и се изградил како стабилна и доверлива валута, која претставува основа за функционирањето на економијата.
„Зачувувањето на стабилноста и сигурноста на нашиот македонски денар е врвен приоритет и темел за обезбедување економска стабилност“, нагласи министерката.
Во својата изјава, Димитриеска-Кочоска истакна дека Министерството за финансии останува целосно посветено на одржување на макроекономската и фискалната стабилност, како предуслов за повисок економски раст, зголемени инвестиции и подобрување на животниот стандард на граѓаните.
Од Министерството потенцираат дека стабилната валута е клучен фактор за доверба кај инвеститорите и за одржлив економски развој, особено во услови на глобални економски неизвесности.
Годишнината од македонскиот денар се одбележува како важен момент во економската историја на државата, со порака дека стабилноста на валутата останува еден од главните столбови на економската политика.








