домаМакедонија2.158 амандмани за измените на Законот за јавни набавки, власта бара бришење...

2.158 амандмани за измените на Законот за јавни набавки, власта бара бришење на спорниот член

- Advertisement -spot_img

Измените на Законот за јавните набавки повторно се пред пратениците, откако претседателката Сиљановска-Давкова одби да го потпише указот за нивно прогласување. Поднесени се вкупно 2.158 амандмани, од кои владејачкото мнозинство предлага еден – за бришење на членот 13, кој се однесува на мандатите на членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки.

Вкупно 2.158 амандмани се поднесени на измените на Законот за јавните набавки, кој повторно се разгледува во Собранието, откако претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одлучи да не го потпише указот за негово прогласување.

Владејачкото мнозинство поднело еден амандман со кој се предлага бришење на членот 13, кој беше причина за претседателското вето. Најголемиот дел од останатите амандмани се поднесени од опозицискиот СДСМ.

Спорниот член се однесува на мандатите на претседателот и членовите на Државната комисија за жалби по јавни набавки. Досегашното законско решение предвидуваше мандат од пет години со право на уште еден избор, односно најмногу десет години. Со предложените измени, оваа формулација беше заменета со можност за повторно именување, без прецизно ограничување на бројот на мандати.

Сиљановска-Давкова оцени дека новата формулација е правно непрецизна и остава простор за неограничен број реизбори. Според неа, таквото решение може да доведе до концентрација на моќ во одлучувањето за трошењето на јавните средства.

Претседателката на 4 ноември испрати допис до Собранието, во кој ги образложи причините поради кои одлучила да не го потпише указот, повикувајќи се на член 75 став 3 од Уставот.

Според член 183 од Деловникот за работа на Собранието, кога претседателот на државата нема да го потпише указот за прогласување закон, тој повторно се разгледува во фаза на трето читање. Во оваа постапка амандмани може да се поднесуваат само во врска со забелешките на претседателот.

Законот беше усвоен во Собранието на 26 октомври, а денеска повторно е пред пратениците, по одлуката на претседателката да не го потпише указот.

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img