Во споредба со земјите од Западен Балкан, Северна Македонија има најдобро поставен и функционален систем за спречување на радикализација, оцени националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и тероризам Павле Трајанов. Тој нагласи дека системот постојано се надградува и се темели на координација меѓу голем број институции и организации.
„Генерално гледано, ако споредуваме со другите држави од Западен Балкан, Македонија има најдобро поставен систем кој е во функција на спречување на радикализација“, изјави Трајанов.
Според него, во процесот се вклучени околу 22 институции, меѓу кои Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, Министерството за одбрана, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, како и други надлежни тела, а дополнително учествуваат и околу 20 невладини организации.
„Не е гломазно 22 институции да се координираат во пристапот за спречување на радикализација, а дополнително се вклучени и 20 невладини организации“, истакна тој.
Трајанов посочи дека Европската Унија има значајна улога преку стратегии и патокази кои ги следат и земјите од регионот, при што Македонија, како што рече, е меѓу поактивните. Тој додаде дека превенцијата зависи од повеќе фактори – од семејството, образованието и социјалната средина, па сè до институционалниот одговор.
„Македонија во овој период и подолго беше средно загрозена, а сега сме најмалку загрозени во целина, но тука треба да се внимава, бидејќи оценките можат многу брзо да се променат. Никогаш не знаете кога може да пукне“, предупреди Трајанов.








