Министерството за енергетика ја започна практичната реализација на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија, со објава на јавен оглас за набавка на високоефикасни инвертер клима уреди.
Министерката Сања Божиновска информираше дека мерката е директно насочена кон намалување на енергетската сиромаштија и обезбедување пониски сметки за домаќинствата на кои поддршката им е најпотребна.
Со програмата се обезбедуваат ваучери во вредност до 28.000 денари, кои ќе покриваат:
Набавка на инвертер клима уред, целосна монтажа, гаранција од најмалку 2 години и без дополнителни трошоци за корисниците
Услов е уредите да бидат со енергетска класа најмалку А+, со што се гарантира повисока енергетска ефикасност и пониска потрошувачка на електрична енергија.
Право на учество на јавниот оглас имаат сите правни субјекти регистрирани во Централниот регистар кои вршат трговија со високоефикасни инвертер клими.
По завршување на огласот ќе биде објавена листа на компании кај кои граѓаните ќе можат да ги набавуваат уредите, како и листа на домаќинства што се стекнале со право на субвенција, по што веднаш ќе започне процесот на испорака и инсталација.
Според Божиновска, оваа мерка претставува директна финансиска поддршка за најранливите категории граѓани и инвестиција во подобар и подостоинствен живот, со конкретен ефект врз намалување на трошоците за греење.
Програмата има за цел истовремено да ја зголеми енергетската ефикасност на домаќинствата и да го намали товарот врз домашниот буџет во зимските месеци.








