„Доста е, има надеж, престанете со пушењето и навистина ќе видите колку подобро ќе биде.“ Со овие зборови проф. д-р Оливер Зафировски испрати силен апел до граѓаните за намалување на употребата на цигари и тутунски производи. Тој посочи дека бројот на пушачи во земјава и натаму е висок, а особено загрижува трендот на рано започнување со пушење кај младите.
Според него, статистиките покажуваат дека возраста на прв контакт со тутун е значително намалена и се движи меѓу 12 и 14 години. Тоа значи дека сè повеќе деца влегуваат во ризик од развој на никотинска зависност уште во рана возраст, кога организмот и белите дробови сè уште се во фаза на развој.
Зафировски нагласи дека дополнителен проблем претставува растечката популарност на електронските цигари кај децата и тинејџерите. Иако често се рекламираат како „побезбедна“ алтернатива, тој вели дека таквите тврдења се погрешни. „Постои пропаганда дека електронските цигари не се штетни, но вистината е дека и тие носат здравствени ризици. Можат да предизвикаат сериозни и долгорочни последици, особено кај младите со чувствителни бели дробови“, истакна докторот.
Тој ја изрази и својата поддршка за предлог-законот за заштита од пушење, потенцирајќи дека неговата цел не е казнување, туку заштита на здравјето на населението. Според него, пушењето е една од водечките причини за рак на белите дробови, но не ги погодува само белите дробови. Никотинот и другите штетни материи од цигарите негативно влијаат и на срцето, крвните садови и на други органски системи.
На Клиниката за пулмологија, како што информира Зафировски, функционира и служба за психолошка поддршка за лица кои сакаат да се откажат од пушењето. Сепак, интересот постои, но мал број пациенти го завршуваат целиот процес на одвикнување, што укажува на силата на зависноста.
Во иднина, клиниката планира да реализира едукативни проекти во основните и средните училишта, со цел навремено информирање на младите за ризиците од пушењето. Според Зафировски, превенцијата и едукацијата се клучни за намалување на бројот на нови пушачи и за создавање поздрави генерации.









