домаМакедонијаИ најлошиот мир е подобар од најдобрата војна

И најлошиот мир е подобар од најдобрата војна

- Advertisement -spot_img

По вторпат во колумниве ја употребувам старата, мудра и секогаш актуелна поговорка на американските Индијанци, за да допре до ушите на „хушкачите“ на војната, било да се политичари од меѓународен ранг, или, пак, некакви квазианалитичари. Основното прашање при решавањето на воениот судир, како што е речиси петгодишниот во Украина(почна на 24 февруари 2022), е кому му треба војната? И уште повеќе кому му е повеќе потребна победата?

Во глобален политичко-безбедносен контекст, по средбата во Шенжен, трилатералниот самит на Трамп, Путин и Џинпинг, како и Самитот на 40 лидери на земји на, како што се нарекуваат, Подготвените во Берлин, се исцртаа контурите на колизијата на стратегиите меѓу, од една страна, застапниците на владеењето на меѓународното право низ форумите на Обединетите Нации и од друга, Европејците со коалицијата во која се и Австралија, Канада, Јапонија, Нов Зеланд, како и земјите од НАТО.

Сите за залагаат за мир во Украина, но очигледно, концептот е различен. Заедничкиот именител за сите е дека сите преку војна сакаат да дојдат до мирот.

Во Декларацијата потпишана од американскиот, рускиот и од кинескиот лидер, покрај контролата и неупотребувањето на нуклеарниот арсенал, како и зголемувањето на производството на нафта на светско ниво, јасно е поставена заложбата за реформи на Обединетите Нации. Ова некому ќе му личи на постојано употребувана фраза, флоскула, но во суштинатата, планот на Путин, Трамп и Шји е поинаков. Со враќањето на тежиштето за решавање на меѓународните предизвици во зградата на Ист Ривер, тамошниот, петлчен Совет за Безбедност, повторно ја добива клучната позиција, која беше заобиколена со војните од почетокот на 1990 година. Оттогаш и ниту еднаш, што претходно беше меѓународно-правно искуство, не е донесена Резолуција за употреба на сила со учество на Обединетите Нации, која би била поддржана од клучниот форум на Светската Организација. Во Советот за безбедност седат Русија, САД, Кина, Велика Британија и Франција. Соодносот е јасен, три наспрема две држави кои во моментов имаат спротивставени гледишта за војната во Украина со што е однапред дефиниран резултатот на секое гласање. Токму оваа концепција е поразителна за Париз и за Лондон, кои сè повеќе се на маргините на американската надворешна политика.

За да бидат намерите на Трамп и на Путин појасни во однос на доминацијата во решавањето на војните, во Декларацијата беше вклучен и факторот нуклеарно оружје. Случајно или не, во пресрет на Самиот во Женшен, американската војска пробно ја лансираше интерконтиненталната балистичка ракета „ЛГМ-30 минутмен“, чиј домет е 13 илјади километри, со брзина од 23 маха или околу 28 илјади километри на час. САД поседуваат 400 нуклеарни проектили од овој тип, дел од останатиот застрашувачки арсенал. Пробата била планирана одамна, појаснија од Пентагон, но случајности не се случуваат, нели? Истовремено, рускиот претседател, на Самитот во Кина, со себе го носеше нуклеарниот куфер „Чегет“ (именуван според планина на Кавказ), пренослив компјутерски терминал за активирање на нуклеарното оружје. Ова беше преседан и невообичаена реткост, опасното ковчеже да се најде вон границите на Руската Федерација.

Но. Трамп и Путин ги упатија пораките, секој на свој начин. Кому, не е тешко да се претпостави. Заедно со Кина, Русија и САД, поседуваат над 90 насто од нуклеарниот потенцијал на светско ниво. Иако, тројцата лидери недвосмислено се изјаснија против употребата на оружјето што би водело кон катаклизма на човештвото, заканата сепак демне. Во превод, Русија нема да дозволи територијална дезинтеграција, Америка е подготвена да се спротивстави со сите средства на „хушкачите“ на војната. Кина, со мирољубивата политика на коегзистенција, стои настрана, но и не е нем посматрач на заканите по светската безбедност.

Резултатот од Самитот, покрај зголеменото производство на сè подефицитарното црно злато и пласман на светските пазари, ѝ беше понуден на јавноста. Тоа е она што го знаеме, но што беше договорено на билатералните состаноци на светските челници, има или нема излезни стратегии, допрвин ќе дознаеме во воено-политичката практика спроведена од велесилите.

Дотогаш ќе биде забележан и не случајно одржаниот состанок на Коалицијата на подготвените во Берлин, во исто време одржан со Самитот во Кина. Противтежата на мултиполарниот свет, Европскиот сојуз, НАТО, прекуокеанските земји се спротивставија на тивката политика на демонстрираната сила од Трамп и од Путин, со силата на бројноста од 40-ина земји учеснички, меѓу кои и Македонија. Системот на големите бројки покажува поголема сила. Следуваа и примерите, соодветни на Женшен. Лондон ќе ја снабди Украина со илјада ракети земја-земја со долг дострел, со дејство во радиус од илјада километри, пакет од 240 милиони фунти. За информација, воздушната линија од Киев до Москва е околу 800 километри. Европската Унија со 350 милиони евра го поддржа Зеленски, пари наменети за набавка на американските противвоздушни системи „Патриот“, со кои Киев се брани од руските балистички проектили. Со ова, вкупната финансиска поддршка на ЕУ на Украина од почетокот на војната достигна 250 милијарди евра. Пари за кои, еден ден, Украина или некоја друга земја, ќе треба да поднесе сметки пред сопствените даночни обврзници. Брисел најави и нов, 23. пакет санкции против Кремљ, додека францускиот претседател Макрон призна дека во Украина, вон воената зона, веќе оперира мал контингент француски војници. Долевање масло на огнот по повторената изјава на Путин за можното распоредување на европски мировници на украинска територија, кои би се сметале за легитимна цел и отворање на европско-рускиот фронт. Опасни тези против светскиот мир.

И во такво опкружување на вистински или инсценирани дипломатски напори за мир, војната продолжува со несмалено темпо во Украина и во заземените територии Крим и Донбас, кои според Москва, самопрогласиле независност и обединување со Русија. Европската Унија не отстапува од намерата да решава за Украина и за европската безбедност, да биде присутна на преговарачката маса заедно со Киев, Вашингтон и Москва. Мал призрак на надеж имаше по последниот состанок во Абу Даби, по кој Путин се согласи на европско присуство. Но форматот на ЕУ е дискутабилен, Брисел предложува 5+2, пет водечки европски земји, лидерите на ЕУ и генералниот секретар на НАТО. Според Москва, премногу дипломати на едно место за глобално важна работа. Прозорецот за постигнување каков-таков прелиминарен договор што се подотвори, набрзо и се затвори по трократното украинско гранатирање на Кримскиот мост, изграден од Русија. Гордоста на Путин, кој беше таму на отворањето на поврзувањето на континенталниот дел со полуостровот. Веќе нема преговори, пристигна реакцијата на шефот на Кремљ на прес-конференцијата во Кина. Некому, очигледно му е повеќе до војна отколку до мир.

(Авторот е новинар и воен репортер од боиштата на поранешна Југославија)

(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните)

https://www.vecer.press/kolumna-zoran-bogatinov-i-najloshiot-mir-e-podobar-od-najdobrata-vojna/

- Advertisement -spot_img
Најчитани
- Advertisement -spot_img
Stay Connected
10,404фановикако
61,453претплатницисе претплатите
- Advertisement -spot_img
Поврзани вести
- Advertisement -spot_img