Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари серија билатерални средби со амбасадорите на Австрија, Украина, Литванија и Народна Република Кина, со цел размена на искуства и продлабочување на меѓународната соработка во енергетскиот сектор.

На средбите се разговараше за енергетската транзиција, примената на одржливи енергетски решенија, како и за можностите за потенцијални инвестиции и експертска поддршка во развојот на проекти за чиста, праведна и стабилна енергија.

Министерката Божиновска истакна дека меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување безбедна и одржлива енергетска иднина за државата, во согласност со националните приоритети и климатските цели.
„Преку партнерства, размена на знаења и заеднички проекти, градиме стабилен енергетски систем кој обезбедува еколошка, економска и социјална одржливост“, беше порачано на средбите.
Од Министерството информираат дека ваквите активности се дел од пошироките напори за зајакнување на меѓународната соработка и забрзување на енергетската трансформација на земјата.









