Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, го пофали јавно спасувачот Даниел Раевски кој на централниот настан на Богојавление во Скопје се истакна по тоа што извлече давеник од опасните води на Вардар.
„Има нешто во тоа што е од Бутел, има и во тоа што порасна во Таеквондо Клуб Бутел, има нешто и што сега вежба во Џудо клуб Радишани, а највеќе има во тоа што е храбро, чесно и добро момче ! За Водици спаси човечки живот ! Браво јунак ! Браво Даниел !“, објави Костовски.
Градоначалникот го пофали младиот спасувач и волонтер на Црвен крст, но останува да видиме дали и ќе му додели награда, со оглед што и самата јавност го бара тоа, а не само убави зборови и пофалби.
За време на фрлањето на светиот крст, поради силното струење, ниската температура на водата и физичката исцрпеност, дел од капачите се најдоа во сериозни тешкотии.
Особено се истакна Даниел Раевски, волонтер и спасувач на Црвениот крст, кој со исклучителна смелост и несебичност интервенираше во најризичните моменти.
Со прецизни и решителни реакции, тој помогна во извлекување на капачите кои беа во опасност, покажувајќи што значи вистинска хуманост на дело.








