Гувернерот на Народна банка на Република Северна Македонија, Трајко Славески, информира дека нивото на домашните цени во декември 2025 година во суштина останало непроменето, и покрај евидентираната месечна инфлација од 0,4 отсто во однос на ноември.
Како што појаснува Славески, зголемувањето на инфлацијата во декември се должи исклучиво на растот на цените во категоријата „транспорт“, каде е забележан пораст од 5,8 отсто. Овој податок, според него, е невообичаен ако се земат предвид стабилните цени на горивата и непроменетите цени во јавниот превоз.
Клучното влијание доаѓа од авионскиот превоз, чии цени во декември минатата година пораснале за дури 42 отсто. Славески истакнува дека станува збор за компонента која во најголем дел е поврзана со странски фактори и сезонски движења.
„Доколку од пресметката на индексот на цените се изостави транспортот, односно авионскиот превоз, месечната инфлација во декември 2025 година би изнесувала точно 0,0 отсто“, посочува гувернерот.
Според него, овие показатели се охрабрувачки и претставуваат добар сигнал дека годината може да заврши со вкупна стапка на инфлација под 3 отсто, што укажува на стабилизирање на ценовните притисоци и зачувување на куповната моќ на граѓаните.









