Коалицијата ВЛЕН ја поздрави позитивната оценка на Венецијанската комисија за Законот за правична и соодветна застапеност, предложен од вицепремиерот Арбен Фетаи, со што, како што наведуваат, се отвора патот за конечно решение на прашање што чекало повеќе од две децении.
Од ВЛЕН истакнуваат дека оваа одлука претставува јасен сигнал дека, кога постои политичка волја, принципот на правична застапеност не останува само декларативна определба, туку се преточува во конкретно законско решение, усогласено со европските стандарди и засновано на меритократија.
„Решени сме ова прашање повеќе да не биде заложник на политички калкулации и реторика, туку да добие целосна и одржлива правна рамка. Целта е професионална, функционална и инклузивна јавна администрација за сите заедници“, порачуваат од коалицијата.
Во соопштението се нагласува дека во изминатите 24 години темата за правична застапеност често била користена за дневнополитички цели, без да се донесе трајно законско решение. Според ВЛЕН, со актуелниот процес се затвора ова поглавје и се поставуваат темелите за системско и правично уредување на ова важно општествено прашање
Од ВЛЕН додаваат дека останува посветена на обезбедување целосна имплементација на законот, со што ќе се придонесе кон градење поинклузивни институции и зајакнување на довербата во јавниот сектор.









