За Македонија, членството во Европската унија значи поотворен пристап кон европските фондови. Иако земјата е исправена пред политички условувања и бариери, интеграцијата во моќниот блок не е надворешно прашање, сметаат дел од дипломатите. Од Брисел се согласуваат дека земјава е предолго во европската чекална, но условот за отворање на првите поглавја останува…
Оливер Тасевски, сопственик на кумановската фирмата „М и Т група“ користи грант од 250 илјади евра, пари на Европската унија ефектуирани преку германската компанија за меѓународна соработка. Со парите купи една од специјализираните машини. Тасевски вработува 25 работници во претпријатието кое се занимава со производство на касетки за јајца, но неговата програма предвидува проширување во доменот на автомобилската индустрија.
„Моментално овие производи ги продаваме низ живинарските фарми во Македонија. Исто така, имаме извоз во Косово и во Србија. За натаму се стремиме и веќе договараме соработка со Грција така што ќе го шириме пласманот на нашите производи“, вели Тасевски
Бизнисот со рециклиран материјал е само дел од проектите финансирани од Брисел во земјава, речиси две милијарди евра за две декади. Една од главните придобивки е визната либерализација воведена пред 16 години. Генерално какви очекувања имаат граѓаните од проширувањето на Унијата со Македонија?
„Сигурно можностите за индустријализација би биле поголеми, во секој случај финансиски придобивки. Можностите за патувања на луѓето, едноставно да запознаат и други култури на запад, да споредат и да се пронајдат себеси во некој работен сектор“, вели медицинска сестра од Македонија на работа во Германија.
„Мислам дека со образование најмногу, се надевам на инвестиции во образование, во медицина. Јас сум политиколог, област меѓународни релации. Моето општо мислење е дека ако не е населението подготвено, Европската унија нема да помогне. Ако сме подготвени и ако сакаме, тогаш ќе биде подобро.“
„Слободата на движењето секако, практично, границите се укинати. Тоа е убаво и многу добро. Но, што се однесува до имиграцијата тоа е веќе друга приказна. Не сме во можност да прифатиме половина милион луѓе однадвор“, додава турист од Словачка.
„Малку ќе се промениме во однесувањето, во однос на корупцијата, и со политичарите и со граѓаните. Ќе се внесе малку повеќе свест. Со проширувањето, кога има некој да ве контролира одозгора, малку поинаку се однесуваме“, смета една повозрасна граѓанка.
КОНТИНУИТЕТ ВО РЕФОРМИТЕ
За Македонија членството во унијата значи поотворен пристап кон европските кохезивни фондови. Според Драган Тилев, државен советник во Министерството за европски прашања, Словенија и Бугарија, по пристапувањето неколкукратно го зголемиле бруто-општествениот производ. Над 70 насто од домашното производство Македонија го пласира на европските пазари. Иако земјата е исправена пред политички условувања и бариери, потпишала не толку среќни договори, интеграцијата во моќниот блок надворешно прашање, смета Тилев.
„Не, процесот на европска интеграција и на пристапни преговори не е надворешно политичко прашање, тоа е внатрешно реформско прашање. Бидејќи сите елементи кои се поврзани со транспозицијата на ЕУ законодавството, градењето на институциите, не се надворешна политика, тие се внатрешна политика. Другиот момент којшто сме можеле веројатно да го играме и да го одиграме многу подобро е да обезбедиме континуитет во самиот процес. Сме имале, бидејќи работам со 18 министри за европски прашања досега од почетокот на мојата кариера, некако секогаш сме почнувале со секоја влада одново“, вели Драган Тилев-државен советник во Министерството за европски прашања.
Дисконтинуитетот со политизираната администрација изнедрува партизирано судство и затоа не сме на нивото на реформи кое го посакуваме, заклучува Тилев.
ПОТРЕБЕН Е ЕДЕН ЧЕКОР, УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ
Последната европска придобивка за Македонија е полноправно членство во СЕПА, единствениот платежен систем на унијата, вели Микалис Рокас, европскиот амбасадор во земјата. Како и другите членки, земјата ја очекува просперитет, предвидувајќи раст на бруто-домашниот производ. Европските проекти се видливи, вели Рокас, Европската унија е најголемиот инвеститор во земјава. Земјата е предолго во европската чекалница, но во сегашниот геополитички мозаик, уште еднаш го повтори условот за отворање на првите поглавја со Брисел.
„Затоа мислам дека процесот ќе се забрза најдобро во овој момент со спроведувањето на реформите. Зошто го кажувам ова? Затоа што за време на тековната геополитичка нестабилност во која се наоѓаме и со сите предизвици со кои се соочува Европа, мислам дека ќе биде многу тешко да се постави нова пречка при квалитетното спроведување на реформите. Според тоа, а ние сите тоа го знаеме, и вие многу добро, е дека еден чекор е потребен, уставните измени за потоа одиме кон новото поглавје на односите меѓу Северна Македонија и Европската унија. Најважно е дека сме ние подготвени за тоа, чекаме и со вас сакаме да одиме побрзо кон евроинтеграциите. Сега можноста е реална. Се надевам дека ќе ја прифатиме и заедно ќе се движиме побрзо“, нагласува евроамбасадорот Рокас.
ПРЕДОЛГОТО ЧЕКАЊЕ ПРЕДИЗВИКУВА ИСЕЛНУВАЊЕ
Застојот во проширувањето наметнато од блокадите на земји членки кон Македонија, предизвикува спротивна реакција кон вредностите што ги промовира Брисел. Некогаш, со 90 насто, сепак годинава само 20 проценти анкетирани се за членство во Унијата.
Македонија од декември 2009-та година е дел од процесот на визната либерализација, тоа е придобивка од Европската унија. Меѓутоа, дали поради тој процес или поради институционалната недоверба, поради бавниот процес на реформи во земјава, во период од 10-ина години од Македонија се иселени над половина милион македонски државјани. Секако, една од главните придобивки од членството во Европската унија ќе биде поголемата битка против корупцијата, особено во делот на правосудството. Поглавјата 23 и 24 како дел од првиот кластер што треба да ги отвори Република Македонија. Секако, на крајот, отворањето на преговорите ќе биде нечија, ако не и на Брисел, политичка одлука.








