Вчера во салата „Борис Трајковски“ во Скопје, партијата ДУИ одржа митинг, кој веднаш предизвика реакции во јавноста. Првиот вицепремиер и кандидат на коалицијата ВЛЕН, Изет Меџити, остро реагираше, оценувајќи дека овој настан го означува крајот на политичката кариера на лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Меџити посочи дека говорите и пораките од митингот не претставуваат демонстрација на сила, туку напротив – знак на слабеење на позициите на ДУИ. „Настанот во „Борис Трајковски“ не е само митинг, туку јасен показател за крај на една ера,“ изјави тој.
Според него, јавниот настап на Ахмети и неговите најблиски соработници е доказ за партија која се обидува да го задржи влијанието, но веќе нема поддршка како порано. Меџити истакна дека преку овие настапи граѓаните сами ќе ја препознаат разликата меѓу „старото“ и „новото“ во политиката.
Од ВЛЕН најавуваат дека ќе продолжат кампањата со позитивна реторика, конкретни проекти и идеи, нагласувајќи дека граѓаните на 19 октомври ќе имаат вистинска можност да одлучат за промени.









