Илинден не е само повод за чествување, туку и за одговорност, рече премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 2 Август-Илинден во Скопје. Мицкоски ја предводеше владината делегација која положи цвеќе на споменикот на претседателот на Крушевската Република Никола Карев пред зградата на Собранието, на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена Борец“ и на споменикот на првиот претседател на Президиумот на АСНОМ, Методија Андонов – Ченто на плоштадот Македонија.
„Одговорност што ја имаме како народ и граѓани, но особено како институции, да го продолжиме патот започнат во Крушево и потврден во АСНОМ, со работа, чесност и грижа за иднината. Како Влада, свесни сме дека довербата на граѓаните е обврска што се оправдува со резултати. Затоа сме посветени да ја направиме Македонија држава на можности, праведна, безбедна и просперитетна, со силни институции што ќе бидат на страната на граѓаните. Оваа генерација политичари има должност да покаже дека може подобро“, рече Мицкоски.









