Пазарот на недвижности во земјава со години се соочува со последици од повеќе кризи и ограничена понуда, оцени сопственикот на „Голден Арт“, Ивица Јакимовски, во гостување во „Топ Тема“. Според него, сегашната состојба на пазарот е резултат на повеќе фактори кои се надоврзувале во изминатите години, почнувајќи од урбанистичките ограничувања, па сѐ до глобалните економски кризи.
„Факт е дека на пазарот има одредена злоупотреба, меѓутоа ако хронолошки се вратиме назад, тоа е резултат на дејствијата што ги направивме во минатото. Со отпочнувањето на мораториуми и водење детални планови се ограничи понудата на самата недвижност. На тоа се надоврза Ковид кризата во 2020 година, енергетската и економската криза во 2022 година, а дополнително се појави уште една криза која сега трае и се преслика врз градежните материјали, што е неповолно и за градежниот сектор и за самата економија“, изјави Јакимовски.
Тој смета дека на пазарот му е потребна стабилност и предвидливост, наместо очекувања за брза заработка преку постојан раст на цените.
„Во однос на тоа во која насока би се движеле цените, желбата е да има подолг континуитет на стабилизација, затоа што неизвесноста создава сериозен притисок и врз компаниите и врз купувачите. Трендот на размислување дека цените постојано ќе растат и дека сега е време нешто да се заработи е погрешен. Потребни се многу подетални и посигурни анализи, но за тоа да функционира треба да се направи долгорочна стратегија која ќе овозможи поголема сигурност при планирањето, инвестирањето и изградбата“, додаде Јакимовски.








